Северна Македонија ќе биде прва земја на Балканот која склучува Договор за стратешко партнерство со Велика Британија. Делегација на македонската Влада предводена од вицепремиерот Александар Николовски утре во Лондон ќе го потпише договорот кој вклучува финансиска рамка од 5 милијарди фунти (6 милијарди евра).
Но детали од ова партнерство и условите под кои Северна Македонија ќе ги добие финансиските средства од Обединетото Кралство се уште не се откриваат.
Македонските власти, но и Лондон демантираат дека договорот вклучува прифаќање на мигранти во Македонија кои не добиле азил во Британија.
Тоа е „нешто што никогаш не ни паднало на памет и никој не го побарал од нас“, изјави премиерот Христијан Мицкоски пред членовите на неговата партија ВМРО ДПМНЕ во неделата во Скопје.
За него договорот е историски затоа што со пристапот до 6 милијарди евра поволни заеми „ќе донесе инвестициска револуција во земјата, вистински историски инвестициски циклус, кој ќе значи работа, изградба, развој“, рече Мицкоски, споменувајќи изградба на железници, автопати, болници и студентски домови.
И британскиот амбасадор во Скопје, Метју Лосон, ги демантираше шпекулациите за испраќање мигранти во Македонија, нагласувајќи дека соработката во оваа сфера ќе се однесува на борба против криминални мрежи и размена на разузнавачки информации.
Разговори за нерегуларната миграција
Вицепремерот Николоски, како што информира Владата, во Лондон ќе има средба и со Дејм Анџела Игл, министер за гранична безбедност и азил во британското Министерство за внатрешни работи со одговорност за справување со нерегуларната миграција.
Британскиот амбасадор смета дека договорот е „историски момент“во билатералните односи и појасни дека Велика Британија е веќе втор најголем инвеститор во Северна Македонија, со околу половина од британските инвестиции во целиот Западен Балкан лоцирани токму тука.
Согласност за стратешко партнерство беше постигната на средбата на премиерите на Северна Македонија и Обединетото кралство, Христијан Мицкоски и Кир Стармер на маргините на самитот во Тирана на 16 мај.
Каде ќе се инвестираат 5-те милијарди евра?
Со договорот што треба да се потпише на 22 мај целта е да се воспостави поддршка на инфраструктурни проекти во здравство, транспорт, технологија, енергетика, дигитална трансформација и други критични сектори. За таа цел планирани се околу 6 милијарди евра, додека годишниот буџет на Северна Македонија изнесува 6 и пол милијарди евра.
Планираните проекти, како што соопшти Владата, се изградба и реконструкција на железничкиот Коридор 10 од Табановце до Гевгелија кој се проценува дека ќе чини до две милијарди евра, а околу 200 милиони евра би чинела изградбата на Клиничката болница, Медицинскиот факултет и Студентскиот дом во Штип, целосната реконструкција на Клиничката болница во Тетово како и изградбата на нова болница со нов здравствен дом во Кичево.
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз најави дека ќе гласа за ратификација на Договорот со Британија во Собранието, но лидерот Венко Филипче ја критикуваше Владата затоа што не ги објавува деталите од договорот.
„Многу е важно да се знаат сите параметри од Договорот со Британија, бидејќи се работи за „огромни суми на пари, камати кои што не знаеме колкави се, а кои ќе ги враќаат следните генерации“, изјави Филипче.
Деталите од договорот ќе се знаат за еден месец?
Деталите за новите заеми не се познати, меѓутоа и премиерот и министрите уверуваат дека со нив нема да се надмине критичната граница од над 60 проценти од бруто домашниот производ (БДП).
Пред да замине во Лондон вицепремиерот Николовски вчера кажа дека, според него, „условите за враќање и каматните стапки за средствата од договорот ќе бидат подобри од кое било досегашно позајмување“ и „иницијално можно е да се движиме и под стапката на инфлација“, но деталите ќе бидат кажани за месец, до месец и половина.
Од шесте милијарди евра финансиска рамка со Обединетото Кралство во првиот циклус од пет години ќе се повлечат околу 2,2 милијарди евра, изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска во емисијата „360 степени“
„Две милијарди на пет години се по 400 милиони евра. Толку е годишното зголемување на јавниот долг по однос на овие инвестиции кои, од друга страна, ќе придонесат за раст на економијата“, вели Димитриеска-Кочоска
Вицепремиерот и ми нистер за транспорт Николовски најави дека првите средства се очекуваат до крајот на летото, а градежните работи би можеле да започнат на почетокот на октомври. Се очекува домашни компании да учествуваат со до 70% во реализацијата на инфраструктурните проекти.
Извор Радио Слободна Европа