Новинари од ТВ21 и светската агенција Ројтерс вечерва била однесени и задржани во полициска станица бидејќи со дрон го снимале собирот кој се одржа на Плоштадот Македонија во Скопје.
Во станица биле задржани двајца новинари од ТВ21 и еден новинар на Ројтерс, со српско државјанство. Тие поминале повеќе од час и половина во станица.
Собирот во Скопје беше организиран поради трагедијата во Кочани каде што во пожар во ноќниот клуб „Пулс“ загинаа 59 лица, трагедија која предизвика огромно внимание во регионот и светот и за која известуваат сите светски медиуми.
Поради тоа, јасен е и интересот на медиумите за покривање на протестот, а од МВР објаснуваат дека новинарите биле повикани на разговор бидејќи немале дозвола за снимање со дрон.
МВР претходно соопшти дека Агенцијата за цивилно воздухопловство донела одлука за целосна завбрана за летање дронови на подрачјето на Кочани и Штип, но таму не беше наведено Скопје.
„Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните и сите корисници на воздухоплови без екипаж односно дронови дека од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство е поставена забрана за вршење на било какви операции со дронови на територијата на градовите Кочани и Штип. Неовластеното, некоординирано оперирање на овие воздухоплови не само што го загрозува воздушниот сообраќај, туку може да предизвика сериозни последици по животот и имотот на трети лица на земја. Оперирање со дронови во забранети зони е основ за поведување постапка за санкционирање согласно Законот за воздухопловство“, велат од МВР.