Стразбур ќе одлучува за струшката дива депонија – домашните судови се откажаа од случајот

Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја прифати апликацијата за дивата депонија во Струга, еден од најголемите еколошки и здравствени проблеми во регионот. Случајот стигна до меѓународен суд откако македонските судови се прогласија за ненадлежни и ја отфрлија тужбата поднесена од Здружението на млади правници.

Депонијата, која се наоѓа на само половина километар од првите куќи, во близина на реката Црн Дрим и на два километра од Охридското Езеро, со години претставува закана за животната средина и здравјето на граѓаните. Според адвокатот Глигорие Ќатоски, кој ја поднесе апликацијата во Стразбур, станува збор за долгогодишен и горлив проблем:

„Европскиот суд нè извести дека ја прифатил апликацијата и ќе расправа за ова прашање. Тоа значи дека, за разлика од домашните институции кои ја отфрлија тужбата, Стразбур ќе ја разгледува повредата на правото на пристап до суд, на приватен и семеен живот, како и на ефективен правен лек“, вели Ќатоски.

Од Здружението на млади правници нагласуваат дека македонските судови не покажале капацитет да решаваат по прашања кои директно го засегаат јавниот интерес, а нивната одлука за ненадлежност ја сметаат за неоснована и без аргументација.

„Ова не е нов проблем – уште во 2017 година се соочивме со масовни палења на депонијата. Денес, 20 години подоцна, таму и понатаму се натрупуваат над 40.000 тони отпад годишно, без никаква контрола врз видот на отпадот. Тоа е една од најопасните диви депонии во земјата“, предупредуваат младите правници.

Во постапката пред Стразбур тужени се Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Струга и Јавното комунално претпријатие „Комунално-Струга“, поради, како што стои во апликацијата, непреземање мерки за решавање на проблемот.

Зачлени се на нашиот е-билтен