Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Студентите иницираат задолжителна педагошка доквалификација на наставниот кадар за добро на студентите и за нив

Универзитетско студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ покренува иницијатива за воведување задолжителна педагошка доквалификација за наставниот кадар на високообразовните установи.

Иницијативата за задолжителна педагошка доквалификација се однесува за сите сегашни и идни асистенти, доценти, вонредни и редовни професори на високообразовните установи во Република Северна Македонија.

Од Универзитетското студентско собрание истакнуваат дека ваквата иницијатива е во насока на унапредување на квалитетот на наставниот процес и подобрување на образовните резултати на студентите.

Иницијаторите на педагошката доквалификација на наставниот кадар на универзитетите тргнуваат од фактот дека во основното и средното образование, според Законот за наставници и стручни соработници во основното и средното образование, наставниците без педагошко-психолошка и методолошка обука се должни да ја завршат истата пред да добијат лиценца за работа и затоа сметаат дека оваа пракса треба да се прошири и во високообразовниот систем, како дополнување на постоечките законски рамки.

Правната основа за нивната иницијатива ја гледаат во Законот за високо образование, каде во член 37 се Предвидува дека наставниот кадар треба да поседува соодветни компетенции за наставен процес и во член 89 кој ги уредува програмите за доживотно учење и обуки кои ги организираат високообразовните установи.

Од Универзитетското студентско собрание се повикуваат и на Законот за наставници и стручни соработници во основното и средното образование каде што во член 5 се уредува обврска за педагошко-психолошка и методолошка подготовка за наставниците.

Оттаму Универзитетското студентско собрание предлага да се воведе задолжителна педагошко-психолошка и методолошка доквалификација за сите сегашни и идни наставници на високообразовните установи.

Доквалификацијата да се спроведува преку акредитирани програми од високообразовните институции во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието.

Иницијативата опфаќа и измени и дополнувања во Законот за високо образование, со додавање нов член кој ќе ја регулира оваа обврска, слично како што е регулирано во Законот за наставници и стручни соработници.

Студентите сметаат дека докфалификацијата ќе го унапреди наставниот процес зашто наставниот кадар кој има педагошко-психолошка и методолошка подготовка е подобро опремен за ефективно пренесување на знаењето и управување со различните аспекти на наставниот процес.

Од Универзитетското студентско собрание се на став дека иницијативата ќе ги подобри студентските резултати затоа што со примената на современи наставни методи ќе се зголеми нивото на вклученост и успех кај студентите.

Дополнително од очекуваните резултати иницијаторите ги наведуваат зголемувањето на професионализам на наставниот кадар; подобра подготовка на студентите за пазарот на трудот и унапредување на меѓународниот углед на македонските високообразовни установи.

Од Универзитетското студентско собрание со оваа иницијатива бара од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и високообразовните установи итно да преземат активности за воспоставување на оваа практика. Тие предлагаат оваа иницијатива да влезе во закон, регулатива или пак правилник на Министерството за образование и наука и  повикуваат на соработка со Универзитетското студентско собрание во процесот на креирање и имплементација на ваквите програми.

Зачлени се на нашиот е-билтен