ЈСП „Скопје“ не ги продолжува годишните картички за бесплатен превоз на студентите за 2025 година, што предизвика реакции од Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКИМ. Претседателот на УСС, Александар Николоски, апелираше до Владата, Министерството за образование и наука (МОН), Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска итно да излезат со став за тоа дали ќе продолжи оваа долгогодишна мерка.
„Смешно е студентите да немаат бесплатен превоз, мерка која е обезбедена веќе десет години. Проблемот со заостанатиот долг мора да се реши, а бесплатниот превоз да продолжи,“ изјави Николоски, додавајќи дека студентите се подготвени на протести ако не се најде решение.
Најавата за укинување на бесплатниот превоз доаѓа во момент кога, според МОН, во буџетот за 2025 година се предвидени средства за транспорт на студентите. Но, според изјавата на Николоски, од Град Скопје се чека конечна одлука, додека од МОН и Владата се префрла одговорноста кон градските власти.
Замениците министер за образование и наука, Лулзим Алиу, и пратеничките Моника Зајкова (ЛДП) и Драгана Бојкова (ВМРО-ДПМНЕ) дадоа различни ставови за проблемот. Алиу изјави дека одговорноста лежи кај градоначалничката Арсовска, додека Зајкова апелираше институциите да престанат со одложување на решението.
„Институциите мора да престанат да си ја префрлаат топката. До крајот на неделата или најдоцна следната, ова прашање мора да се реши,“ рече Зајкова.
Бојкова, пак, се фокусираше на други мерки за поддршка на студентите, истакнувајќи дека во буџетот за 2025 година има зголемени средства за субвенциониран оброк, без да навлегува во решението за бесплатниот превоз.
Студентите остануваат во неизвесност и бараат институциите да дејствуваат без одлагање за да не ја изгубат една од клучните мерки за поддршка на студентскиот стандард.