Планираното судско рочиште против Зоран Јованов, татко на Васил Јованов, се одложи за 3 септември, откако обвинетиот не се појави во Основниот кривичен суд Скопје. Јованов е обвинет дека му дозволувал на својот син без возачка дозвола и под дејство на алкохол да управува автомобил, со што во јануари годинава беше усмртена пешачката Фросина Кулакова на булевар „Партизански Одреди“.
Судијката Снежана Марковска соопшти дека поканите биле вратени со печат и потпис од примачот, но без потврда дека му се врачени непосредно на обвинетиот. Судот побара ажурирани податоци од Министерството за внатрешни работи и наложи повторна достава на поканите до Јованов и неговиот адвокат Сашо Дуковски, кој исто така беше отсутен.
На денешното рочиште Јавното обвинителство го измени обвинителниот акт. Наместо за „предизвикување општа опасност“, Јованов сега се товари за „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средства“. Јавниот обвинител Александар Марковски објасни дека новите докази барале прецизирање на правната квалификација согласно начелото на специјалитет.
Судот наложи нови покани до сите учесници, вклучително и до сведокот Софија Черепналковска, која според известувањето на нејзиниот татко привремено е во странство. Таткото на настраданата Кулакова, присутен во судницата, изрази незадоволство што истиот судија постапува и во предметот против синот Васил Јованов и најави поднесување кривична пријава.
Според обвинението, Зоран Јованов во периодот од ноември 2022 до јануари 2025 година свесно му овозможувал на својот син, учесник во сообраќајни прекршоци и без возачка дозвола, да управува моторно возило, што за Обвинителството претставува директен придонес кон трагичната несреќа. Седницата на која треба да започне главната расправа е закажана за 3 септември.