Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) соопшти дека ја добил првата судска пресуда во своја корист во спорот со Министерството за култура, во врска со наводно незаконските решенија за пресметка на плати. Според СКРМ, судот потврдил дека биле повредени правата на културните работници, отворајќи правен преседан во случајот што го засега целиот сектор.
Синдикатот информира дека над 800 тужби се веќе поднесени, како резултат на, како што велат, „неправедна формула“ за определување на плати, која оставила илјадници вработени во културата со значително ускратени примања. Тие бараат одговори од Министерството за култура и туризам – како и зошто било одлучено да се применува таков модел за пресметка на платите.
Од Министерството реагираа кусо, истакнувајќи дека досега не добиле никаква официјална информација за споменатата судска пресуда.
„Министерството за култура и туризам ја информира јавноста дека во врска со денешната прес-конференција на СКРМ, до институцијата не е пристигната официјална документација за тврдењата изнесени од синдикатот. Во моментов немаме информации ниту за тоа на која конкретна институција се однесуваат наводите,“ се наведува во соопштението.
Синдикатот потсетува дека токму Министерството за култура ги остави 3.000 вработени без плата за време на Велигден, еден од најголемите христијански празници – што го нарекуваат срамен преседан.
СКРМ вели дека од нивната страна се поднесени над 1.000 приговори, од кои повеќе од 200 биле усвоени од Управните одбори на културните установи, додека за останатите 800 одбиени приговори, се поведени судски постапки.
Со добиената прва пресуда, синдикатот вели дека има потврда дека нивните тврдења се правно основани и најавува нова правна офанзива за заштита на работничките права. Очекуваат Министерството да не остане немо, туку конечно да даде одговори за направените пресметки, но и да ги почитува судските одлуки што ќе следуваат.