„Support Kocani“ обезбеди 4.070 силиконски лепенки за повредените во „Пулс“

Во Кочани пристигнаа 407 кутии со силиконски лепенки Atrauman Silicone, со вкупно 4.070 лепенки, како дел од континуираната хуманитарна помош за повредените од трагичниот настан во клубот „Пулс“, информира Граѓанската иницијатива Support Kocani.

Овие медицински лепенки, во кои секоја кутија содржи 10 парчиња, како што посочуваат, се специјално наменети за третман на изгореници и чувствителни повреди на кожа. Тие претставуваат донација од хумани сограѓани и компании кои живеат и работат во Словенија, кои великодушно се приклучија на нашата мисија за помош.

-Лепенките наскоро ќе бидат донирани на Општата болница во Кочани, во координација со здравствените служби и потребите на пациентите. Оваа донација е уште еден потсетник дека вистинската поддршка понекогаш доаѓа таму каде што најмалку ја очекуваме – од срцата на обичните луѓе, преку граници и без големи зборови, велат од иницијативата.

Нагласуваат дека Support Kocani очекува нови пратки со медицински материјали и од други земји, меѓу кои Австралија и Данска, каде, како што велат, македонски иселеници и пријатели на Кочани активно се вклучуваат со поддршка.

Фото: „Support Kocani“

Зачлени се на нашиот е-билтен