Денес, во дворот на Средното уметничко училиште ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ во Скопје, свечено беше откриена статуата на академик професор Јордан Грабул – значајна личност во историјата на македонската современа уметност. Автор на скулптурата е проф. Елена Дуковска.
Оваа иницијатива е реализирана во рамките на одбележувањето на два значајни јубилеи – 80 години од основањето на училиштето и 100 години од раѓањето на Јордан Грабул, кој зад себе остави богато уметничко и педагошко наследство.
На настанот се обрати директорот на училиштето, Димитар Филиповски, кој истакна дека Грабул не само што бил еден од највлијателните професори, туку и поранешен директор на училиштето, со траен импакт врз формирањето на многу генерации уметници.
Покрај него, на присутните им се обратија и проф. Елена Дуковска, која зборуваше за инспирацијата и процесот на изработка на скулптурата, како и проф. Лира Грабул – истакната костимографка и ќерка на Јордан Грабул, која преку лично и емотивно излагање ја сподели врската меѓу татка ѝ, уметноста и воспитувањето на младиот уметнички кадар.
Настанот привлече бројни ученици, наставници, уметници и љубители на ликовната уметност, кои со своето присуство оддадоа почит кон еден од најголемите уметници и педагози во историјата на македонската уметност.