Вчера, 13 февруари, беше Светски ден на радиото. Изборот на овој датум да биде Светски ден на радиото беше препорачан бидејќи е „на тој дек во 1946 година беше воспоставен целиот концепт на радиото на Обединетите нации“. Во 2011 година Генералниот директор на УНЕСКО побара Светскиот ден на радиото да биде одобрен од Генералното собрание на ОН, по што започна традиционално да се одбележува овој ден.
На радиото како на медиум, повеќе пати во историјата му предвидуваа крај, но радиото е жилаво копиле, пренесува Столе Наумов, уредник и водител на популарната радиоа програма „Стадион“ на Радиото Канал 77, еден негов пријател така гледа на рдиото.
И во право е, вели Наумов. „Копиле е радиото цело време, Но само за одредени квази експерти, комуниколози, социолози од чии анализи и пророштва би се срамеле и Нострадамус и Баба Ванѓа“.

„Кога се појавила телевизијата сите побрзале да го погребаат радиото. После сто години, жива е телевизијата, ама уште поживо и пожилаво е радиото. Кога се анкетираа граѓаните сите резултати пак го погребуваа радиото. Демек од него се информирале само 4 проценти“, укажува познатиот радио водител.
Наумов вели дека, всушност, радиото свесно и потсвесно никогаш не било поприсутно во јавноста и јавниот простор преку етерот и сега преку интернетот.
„Во трговските центри, бензиски, маркети, аптеки, автобуски и железнички станица, аеродроми, бербери, фризери, автобуси, такси, автомобили…И уште повеќе и уште поважно радиото го има во мобилните и слушалките на милиони млади луѓе, кои додека пешачат и трчаат, на велосипед, во автобус, воз слушаат поткасти со разговори, драми, книги, раскази… А што е поткастот освен радио за интернет. Сто години по појавата телевизијата почна да глуми радио, почна да прави поткасти“, потенцира Столе Наумов.
И конечно, вели тој, кога ќе прашате за доверба во медиумите секогаш на прво место е радиото. Граѓаните најмногу му веруваат. „И не случајно политичарите кога сакаа да се обратат и соопштат нешто важно бираа глас наместо слика“.
„Нека е жив и здрав нашиот пријател радиото. Силно нека го сакаат и почитуваат жилавото копиле и идните генерции и нека не се чудат што ќе ги преживее и интернетот и Вештачката интелигенција, како што ја преживеа телевизијата“, вели Столе Наумов, уредник и радиоводител во Радио Кана 77.
Теодор Теди Манески, практично израсна со радиото, а потоа му стана и професија и животна определба кога го основаше Скај Радио.

„Радиото е магија од која човек ретко може да се откаже. Се започна далечната 1996 додека учев во средното училиште Орце Николов во кое беше сместено младинското радио. Електрониката, љубовта кон музиката, собирањето магнетофонски ленти, грамофонски плочи и касети беа добар склоп за да ми се пројави желба да отворам сопствено радио. Експерименталната програма започна јули 1996 год школски распуст 🙂 со рачно изработена опрема, се додека не инсталирав посовремена опрема септември 1997 год кога и започна официално Скај радио со редовна програма“, вели Манески.
Скај Радио во 1998 година, со првиот закон за приватни медиуми, ја доби првата концесија од тогашниот Совет за радиодифузија. Скај радио до денес бележи свој напредок и пораст на слушаноста за денес да е топ 3 радио по слушаност во Македонија.
„Лошите години за радиото поминаа, еден вид на „удар” ни зададе интернетот и социјалните мрежи и медиуми, но денес бизнисот е стабилен. Радиото ми го направи животот забавен и пристоен. Радиото ќе постои уште долго време, магијата на радиото нема да исчезне“, вели по повод Светскиот ден на радиото Теодор Теди Манески, сопственик на Скај радио.