Светскиот ден на социјална правда во Македонија се одбележува со сериозна загриженост

Фото: Тоше Огњанов за Гласот на Америка од еден од собирите за социјална правда
Фото: Тоше Огњанов за Гласот на Америка од еден од собирите за социјална правда

Граѓанските организации, кои се најактивните и најдинамичните креатори и имплементатори на програмите за социјална правда и за човекови права, овогодишниот Светски ден на социјалната правда го дочекаа во сенката на голема неизвесност која произлегува од замрзнувањето на фондовите на УСАИД за овие активности, како и од големите рестрикции на финансиската поддршка што беа направени во буџетот на Владата, која и без тоа беше многу мала.

Очекуваните долгорочни последици од оваа ситтуација, брифираат граѓанските оргабнизации, вклучуваат прекин или прекинати, но многу потребни услуги за жени погодени од насилство, лица со попреченост, деца, постари лица, мигранти и ЛГБТКИ+ лица; недостапност на правда поради прекини во правната помош и стратешката судска постапка

Како што истакнува еден активист кој е дел од истражувањата за овој брифинг „кратењата на финансирањето ќе има длабоки и долгорочни последици врз граѓанското општество, мрежите и клучните демократски вредности како што се родовата еднаквост и човековите права“.

Последиците вклучуваат „губењето на клучните механизми за ре-грантирање кое ќе ги лиши локалните иницијативи од основни ресурси, ограничувајќи го учеството на граѓаните во демократските процеси и ослабувајќи го колективното делување“.

Во време на сè поголема политичка поларизација, протести и напади врз граѓанското општество, овие кратења дополнително го намалуваат просторот за независни гласови, што ја отежнува одговорноста на институциите и унапредувањето на политичките реформи. Без итна интервенција и алтернативни извори на поддршка, овие кратења го загрозуваат напредокот постигнат во зајакнувањето на граѓанското општество, овозможувањето на заедниците и одбраната на демократските принципи, предупредуваат граѓанските активисти.

Зошто да се поддржат организации за женски права?

Од широкиот спектар на програмите за социјална правда, еднаквост и човекови права, организациите за женски права (ОЖП) се движечка сила зад клучните достигнувања во областа на владеењето на правото, пристапот до правда, демократијата, човековите права, родовата еднаквост и одржливиот развој на Западен Балкан и глобално. ОЖП имаат и продолжуваат да:

  • Обезбедуваат психолошка поддршка, здравствена заштита, заштита, засолниште, правна помош и оснажување за жени и деца погодени од насилство;
  • Даваат експертиза и мобилизираат јавен притисок за усвојување на клучни закони и политики кои ги штитат жените, децата и ЛГБТКИ+ лицата, вклучувајќи политики за справување со родово базирано насилство, работнички права, антидискриминација, родова еднаквост и пристапување кон ЕУ;
  • Градат мир преку етничките и националните граници;
  • Мобилизираат хуманитарна помош, образование и здравствена заштита за деца, постари лица, лица со попреченост и етнички малцинства;
  • Оснажуваат повеќе и подиверзификувани жени да влезат во политиката и процесите на одлучување на сите нивоа, зајакнувајќи ја демократијата;
  • Спроведуваат истражувања кои информираат закони, политики, образовни програми и медиумско известување базирано на докази;
  • Директно придонесуваат во процесите на пристапување кон ЕУ од родова перспектива со експертиза, мониторинг, истражување и застапување, како клучни партнери на ЕУ во напредокот на нејзините фундаментални вредности; и
  • Дејствуваат како чувари на демократијата, држејќи ги Владите и правосудните системи одговорни преку мониторинг, застапување, правна помош и стратешка судска постапка, меѓу другите иницијативи, придонесувајќи кон реформите поврзани со пристапувањето кон ЕУ.

Граѓанското општество, особено женските и ЛГБТКИ+ организациите, одиграа клучна улога во зајакнувањето на демократските вредности, човековите права и владеењето на правото во Западен Балкан и пошироко. Без нивна поддршка, многу од овие достигнувања се во опасност.

Но, времето е критично, велат активистите на овие организации и истакнуваат дека е „итно потребна финансиска интервенција за да се спречи назадување на човековите права, демократијата и социјалната правда“.

Граѓанскиот сектор во критична точка

Од истражувањето на граѓанските организации може да се заклучи дека Северна Македонија се наоѓа на раскрсница во својот демократски развој, обидувајќи се да напредува кон европска интеграција и да се посвети на фундаменталните права. Сепак, оваа траекторија е сè повеќе загрозена од намалувањето на граѓанскиот простор и подемот на анти-родовите политики и мобилизации. Овие иницијативи, втемелени во транснационални мрежи и актери и поттикнати од локалните социо-политички динамики, ја поткопуваат родовата еднаквост, ги таргетираат маргинализираните групи и го дестабилизираат демократскиот напредок.

На пример, состојбата на бранителите на човековите права нашата земја и во Западен Балкан ги рефлектира пошироките предизвици за родовата еднаквост и женските права во регионот. И покрај меѓународните обврски и политичките декларации, домашните практики често ги контрадиктираат овие ветувања поради континуираниот демократски пад. Сите земји од Западен Балкан моментално се категоризирани како хибридни или транзициски режими, обележани со кревки демократски институции, ограничени политички права и задушени граѓански слободи. Ова назадување негативно влијаеше врз родовата еднаквост, женските права и поширокиот граѓански простор, замолчувајќи ги критичките и дисидентските гласови. Ерозијата на демократските аспирации придонесе за дополнително стеснување на просторот за застапување и човекови права, што несразмерно ги погодува жените и маргинализираните групи.

Во изминатата деценија, Северна Македонија направи значителни чекори во унапредувањето на демократското управување и човековите права во споредба со претходните години, но не доволно брзо.

Во Северна Македонија, граѓанските организации (ГО) и бранителите на човековите права (БЧП) и понатаму се соочуваат со повеќеслојни предизвици, вклучително правни и административни бариери, недоволно финансирање и напади врз нивната легитимност и безбедност.

Ситуацијата е особено загрижувачка за организациите и активистите кои се залагаат за родова еднаквост и правата на ЛГБТИК+ заедницата, бидејќи честопати се демонизирани како странски агенти или закана за општествената кохезија.

Оваа ерозија на граѓанскиот простор е дополнително влошена со злоупотребата на дезинформациите. Анти-родовите движења користат кампањи на дезинформации за да ја искриват јавната перцепција, тврдејќи дека политиките за родова еднаквост наметнуваат штетни идеологии или ги разградуваат културните вредности. Овие наративи се засилуваат преку социјалните мрежи и традиционалните медиуми, создавајќи непријателска средина за бранителите на човековите права и поттикнувајќи недоверба во граѓанското општество.

Овие добро пресметани напади врз родовата еднаквост мора да се разберат како дел од поширок обид за укинување на правата и демонтирање на демократските механизми.

Член 2 од Договорот за Европската унија (ДЕУ) ја дефинира еднаквоста и недискриминацијата како клучни принципи на демократијата. Сепак, анти-родовите кампањи ги експлоатираат општествените поделби за да ги еродираат овие принципи, предизвикувајќи ги темелите на инклузивната и партиципативна демократија.

Зачлени се на нашиот е-билтен