Обилните дождови што ги зафатија западните делови на земјата предизвикаа сериозно свлечиште во тетовското село Шипковица, поради што локалните власти вечерва препорачаа итна евакуација на дел од населението. Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), свлечиштето се активирало во близина на станбен дел од селото, каде што четири куќи се директно загрозени.
Пријавата за настанот пристигнала преку краткиот број 112, по што на терен веднаш излегле екипи на ЦУК, полицијата од СВР Тетово и градежни инспектори од општината. Активиран е и Кризниот штаб на Општина Тетово, кој ја следи состојбата и координира мерки за заштита.
Жителите предупредени: напуштете ги домовите до стабилизирање на теренот
Од ЦУК информираат дека земјиштето е силно заситено со вода и дека постои опасност од нови свлечишта, поради што населението од најризичните делови добило насоки да ги напушти домовите до понатамошни безбедносни процени. Службите остануваат на терен и ја следат динамиката на придвижување на земјиштето.
Проблеми и во источниот регион
Нестабилното време предизвикува потешкотии и во источна Македонија. На патниот правец Делчево – Истибања, регистрирани се одрони од камења, но екипите на ЈП „Македонија пат“ интервенираат непрекинато и сообраќајот се одвива без застој.
Во Македонска Каменица, на патот кон селото Моштица, службите на ЈП „Камена Река“ веќе го исчистиле теренот и сообраќајот е нормализиран.
Надлежните апелираат до граѓаните да бидат особено внимателни при движење низ планинските правци и навремено да ги следат официјалните предупредувања, бидејќи нестабилните врнежи може да доведат до нови активирања на земјиштето.

