Таравари: 64 повредени се лекуваат во државните болници, 13 во приватните, а 101 пациент се згрижени во странство

Министерот за здравство, Арбен Таравари, изјави дека сите повредени од пожарот во Кочани се во релативно стабилна состојба и дека нема починати пациенти.

„Во моментов, 64 лица се лекуваат во јавните здравствени установи, 13 во приватни болници, а 101 пациент се згрижени во медицински центри во странство. Вчера заедно со министерот за надворешни работи ги посетив повредените во Солун и Софија. Двајца пациенти во Софија веќе се екстубирани, а денеска се очекува уште двајца“, изјави Таравари.

Тој додаде дека денеска е последниот транспорт на пациенти во странство и најави постепено враќање во нормала на хируршките клиники.

„Од денеска хируршките клиники ќе почнат со работа за онколошките пациенти, а од утре се очекува нормализирање на сите редовни медицински услуги“, рече Таравари.

Во моментов, во Клиничкиот центар се хоспитализирани 35 пациенти, од кои шест се на КАРИЛ, четворица на детска хирургија, а останатите се распоредени на пластична хирургија, трауматологија, торакална и васкуларна хирургија, токсикологија, пулмологија и офталмологија. Во ГОБ „8 Септември“ се сместени 15 пациенти, во Стара градска болница 11, а во Клиничката болница во Штип тројца пациенти, од кои двајца денеска ќе бидат пуштени на домашно лекување.

Инаку, во моментов на лекување во Србија се 30 пациенти, Бугарија се 15, во Грција 12, во Турција 9, во Унгарија 6, во Австрија 6, во Хрватска 5, во Словенија 4, во Литванија 4, во Белгија 4, во Италија 4 и во Полска 2 пациенти.

Зачлени се на нашиот е-билтен