Таравари: Дел сме од Влен, но ако не најдеме решение ќе одиме самостојно на избори

Во Гостивар денес се одржува партиското собрание на крилото на Алијанса за Албанците (АА) предводено од Арбен Таравари. Лидерот на оваа фракција изјави пред новинарите дека „случувањата во политиката се динамични и бараат разумни одлуки“, навестувајќи дека АА ќе продолжи со преговори за политичка консолидација во албанскиот политички блок.

Меѓу присутните на собранието беше и Исен Шабани, актуелниот градоначалник на општина Врапчиште и поранешен потпретседател на партијата во крилото на Зијадин Села. Неговото присуство настанот го означи како обид да ги надмине поделбите во партијата:
„Денес собрав храброст да ги отстранам сите дилеми за Алијансата за Албанците и да биде што е можно повеќе обединета,“ изјави Шабани.

На новинарско прашање дали ќе се кандидира на претстојните локални избори, Шабани рече дека планира да настапи како независен кандидат, но со поддршка од крилото на Таравари:
„Не можам да бидам партиски потпретседател додека не поднесам независна кандидатура,“ појасни тој.

Таравари пак, зборуваше и за коалициските односи со другите партии од албанскиот блок.
„Ние сме дел од ВЛЕН, ќе се трудиме до крај да најдеме решение. Ако не, ќе одиме самостојно на избори,“ порача тој.

Лидерот на АА откри и дека имал конструктивна средба со Изет Меџити пред четири дена, која траела речиси два часа. Потврди и краток протоколарен поздрав со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за време на нивната средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
„Се поздравивме, како што налагаат ваквите прилики. Јас би се поздравил со секој политичар освен со лидерот на Левица,“ истакна Таравари.

На дневниот ред на собранието беа ставени повеќе точки: дискусија за актуелната политичка состојба во државата, подготовки за локалните избори во 2025 година, како и усвојување на декларација за трагедијата во Кочани.

Зачлени се на нашиот е-билтен