Таравари: „Ѓока“ ќе стопанисува со паркингот на Клинички најмногу 7-8 години


Договорот за користење на паркингот на Клинички центар не е потпишан, а министерот за здравство Арбен таравари, вели дека треба да помине и филетор на Влада, но ако и од таму и од јавноста се смета дека договорот не треба да се реализира, тој нема да го потпише.

На денешниот настан на Клиниката за инфективни болести за промоција на нова опрема и реновирање, Таравари не знаеше какво портфолио има фирмата „Ѓока констракшн“ од Албанија која единствена се пријавила на распишаниот повик, а ќе стопанисува со паркингот во Клинички центар на 20 години. Рече дека го интересирало само дали ги исполнува условите.

– Процедурата е помината, меѓутоа повторно треба да помине уште одредени филтри, коишто поминуваат во Влада. Јас не се разбирам во тоа, и да ми дадете портфолио, меѓутоа не е за 20 години, чисто да ви кажам. По физибилитетот е предвидено да биде за 20 години, меѓутоа во меѓувреме, имаме одлука на Влада дека паркингот може да се користи додека Клиничкиот центар е тука. Јас лично мислам дека Клиничкиот центар нема да биде тука повеќе од 7-8 години. Ние сме го ставиле и тоа како услов, дека додека е Клиничкиот тука, 5 години,6, 8, 9, 10 години, но лично мислам дека нема да остане овде повеќе од 7-8, еве речете 10 години. Нема да биде повеќе. Затоа интересот на компаниите беше мал, да беше за 20 години, сигурно ќе се јавеа – рече Таравари.

Ако тоа помине и одредени филтри на Влада, „ако поминат ок, ако не поминат пак ќе го објавиме“ и на прашањето што ќе се случи тогаш, Таравари вели „ништо, тогаш ќе го објавиме пак, само што ќе изгубиме уште една година“.

Цените за паркингот се 50 денари на час, а зголемувањето на цената го оправдува со тоа што цената одела на аукција и таа била понудена. Смета дека не е превисока за Скопје, и додава дека „тука имавме автомобили кои ги оставаа тука и после излегуваа во град“.

„Имајќи предвид и какви се цените мислам дека не е лоша. Најдобро е 0 денари да биде, ако најдете таков понудувач, одлично ќе биде. 50 денари мислам дека е пристојна цена, затоа што пред „Нова Македонија“ е 40 денари. Не е цена која е многу висока, таа беше дадена на аукција. Во Скопје има цени кои се 100 денари, 150 денари“, додава Таравари.

Ако се потпише договорот, „Ѓока констракшн“ иа обврска да изгради катни гаражи за шест месеци до една година, но Таравари и за ова не беше сигурен.

„Ако слушам од јавноста дека не треба да го потпишам, нема да го потпишам. Секогаш слушам од јавноста, ако ми кажат дека не треба, ако од Влада ми кажат дека не може, нема да потпишам“, додава тој.

Инаку, вчера повеќе медиуми објавија дека „Ѓока констракшн“ од Албанија ќе стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар во Скопје, државата ќе добива 1 отсто од добивката.

Извор Независен

Зачлени се на нашиот е-билтен