Министерот за здравство Арбен Таравари во објава на социјалните мрежи кажа дека состојбата на пациентите кои се згрижени во македонските болници е стабилна.
„Тоа е резултат на навремена реакција, вклучување на целиот здравствен систем и огромната пожртвуваност на медицинските тимови, професионалци кои секој ден работат посветено и човечно“ напиша Таравари.
Тој додаде дека иако денеска завршуваат официјалните денови на жалост, болката останува, тивка, длабока и лична и дека со неа останува и грижата.
„Оваа трагедија нè стави на сериозен испит, како луѓе, како институции, како здравствен систем. Но уште повеќе, нè обедини во една заедничка мисија: да направиме сè што е можно за секој живот што и понатаму се бори“ рече Таравари.
Министерот за здравство кажа дека државата останува во постојана координација со странските клиники каде што се лекуваат дел од најтешко повредените.
„Со нетрпение го очекуваме денот кога ќе можеме, со гордост и големо олеснување, да објавиме дека се враќаат дома, еден по еден. Се надеваме дека нивниот број ќе расте од ден на ден“ вели Таравари.
Тој се заблагодари на сите граѓани, институции, организации и здравствени работници за нивниот придонес, експертиза, логистика, грижа и импатија.