На истражните органи им е доставена целата медицинска документација поврзана со пожарот во Кочани, изјави министерот за здравство Арбен Таравари.
„Понатамошните постапки се во нивна надлежност, не ме интересира ниту сум ги прашал. Најверојатно ја следат својата процедура“, рече Таравари.
Тој повтори дека во зависност од потребите на пациентите, во Кочани ќе продолжат да се испраќаат мултидисциплинарни тимови, составени од пластични хирурзи, психолози, психијатри, а по потреба и физикални терапевти, токсиколози и интернисти.
Министерот информираше дека здравствената состојба на пациентите генерално се подобрува. Некои веќе се екстубирани и преместени на редовни болнички оддели, каде што се третираат со трансплантација на кожа за да се спречат компликации и нови инфекции.
„Пациентите се соочуваат со трауми, па затоа е неопходно посебно внимание во комуникацијата со нив“, истакна Таравари.
Тој потврди дека здравствените институции ги исполниле сите барања на истражните органи и дека доколку биде потребна дополнителна документација, ќе биде доставена.
„Не би сакал да се мешам во нивната работа, тие си ја следат процедурата“, додаде министерот.
Тимови за пластична хирургија и специјализиран третман
Таравари нагласи дека медицинските тимови ќе продолжат да реагираат според барањата на лекарите во Кочани.
„Тимови од пластична хирургија веќе беа таму и ќе продолжат да одат. Ние сме во постојана комуникација со сите пациенти, како со оние кои се на болничко лекување, така и со оние кои се испишани“, рече тој.
Директорката на Клиниката за пластична хирургија, Јасмина Ѓоргиевска Павловска, уверува дека пациентите во Македонија имаат пристап до истите третмани како и во странство.
„Од првиот ден се трудиме да ги минимизираме лузните. Пациентите добиваат насоки како да се грижат за кожата – препорачуваме медицински хидратантни креми без парфеми и бои, како и заштитен фактор 50. Најдобро е воопшто да не се изложуваат на сонце за да се избегне пигментација на лузните“, објасни Ѓоргиевска Павловска.
Таа додаде дека во Клиниката се изведуваат и хируршки зафати за поставување кожни експандери, кои овозможуваат реконструкција на оштетените делови на телото.
Министерот соопшти дека пет пациенти од хоспитализираните во Скопје денеска се пуштени дома, а двајца се враќаат од Литванија и Шведска. Сепак, четворица пациенти кои се лекуваат во странство остануваат во критична состојба.