Меѓуетничките односи се една од причините за напуштање на власта, вели Арбен Таравари, доскорашен министер за здравство и лидер на еден дел од Алијансата за Албанците, во шорткастот на ИМА „Интеркултура” со Роберт Алаѓозовски.
Тие се осврнаа на причините за напуштањето на владината коалиција, состојбите со правата на заедниците, општествената кохезија, меѓуетничките и интеркултурните односи, како и застојот во евроинтеграциите и очекувањата од владината коалиција. Таравари зборува и за интеркултурните односи на локално ниво, посебно во Гостивар, како и за програмските заложби кои ќе доминираат на претстојните локални избори.
Тој нагласи дека иако меѓуетничките односи не биле непосредна причина, тоа е една од повеќето причини за напуштањето на владината коалиција. Оценката за состојбата со општествената кохезија не е блескава, и тоа тој го изнесува не како свое мислење, туку како објективна реалност што многумина ја споделуваат.
„Да бидам искрен до крај, тоа не е непосредната причина, меѓутоа, една од повеќето причини – да, тоа е точно. Значи, се укина балансерот и, имавме еден договор ние, четири партии од ВЛЕН заедно со премиерот, имавме еден подготвен закон од Алијанса за Албанците, за правична застапеност на сите, не само етнички заедници, туку и на сите други луѓе коишто живеат, различни категории на граѓани, да кажам. Идејата беше дека, некаде декември. тоа да помине како закон. Меѓутоа помина…почнаа луѓето, ние кажувавме дека за една недела, за две недели, нели, ќе биде тоа, помина јануари, февруари, март, април, сега сме крај на мај, уште никаде не е законот. И за жал, имавме огромни критики, дури почнаа да нѝ се потсмеваат за тоа, да нѝ кажуваат – вие кажавте за две-три недели, еве станаа пет-шест месеци, не две-три недели“, посочи Таравари.
Тој не го крие задоволството што доаѓа од средина како Гостивар, која ја смета за модел како треба да бидат уредени интеретничките односи на локално ниво и во целата земја, но смета дека граѓаните заслужуваат унапредување на сите свои права.
„Јас сум многу горд што доаѓам од еден град, којшто е рол-модел за функционирање на сите етнички заедници што живеат – значи Гостивар, и таму Турци, Албанци, Македонци, Роми, да речам, живеат како браќа. Македонското, албанското, турското знаме, дури и ромското јас како градоначалник го поставив. Многу сум горд дека целата држава може да го земе како пример за добро функционирање. За жал, последната година, не се добива таков впечаток. Не го велам тоа јас. Ако го велам јас, тоа е веќе субјективно. Генерално, каде и да одите, која институција и да ја посетите, и да ги прашате луѓето, впечатокот е дека има некакво разидување, некако, како да сака некој да доминира, како да не функционира државата како што треба. Не велам само за Албанци, Македонци, ова е впечаток на повеќето етнички заедници што живеат во Македонија, што не е добро за нашата држава, да нема добра кохезија, меѓу сите коишто живееме тука“, нагласи Таравари.
Иако Таравари смета дека македонската заедница има право целосно да одлучи за прашањата на идентитетот, го охрабрува премиерот Мицкоски да најде начин да го затвори прашањето и да ги продолжи преговорите со ЕУ што ќе доведе до подобрување на благосостојбата на сите македонски граѓани.
„Ова што беше, францускиот предлог, тоа тригерира кај ВМРО, да види како може да добие повеќе гласачи и повеќе поддржувачи. Јас продолжувам да мислам дека ексклузивно право имаат Македонците да одлучат за тоа, за нивната иднина, за тој договор…кој е предложен од Франција, меѓутоа е договор меѓу Македонија и Европската унија практично. Сега, како ќе оди понатаму, јас не знам. Меѓутоа, гледам дека, некако, како да се кочат работите. И ако разговарате со повеќе дипломати од Европската унија, впечаток е дека Македонија веќе се оддели од Албанија, што не е добро за нашата држава. Јас би сакал заедно да ги продолжиме и заедно да ги завршиме преговорите со Европската унија и што побрзо да бидеме дел од Европската унија. Меѓутоа, тоа што се случува, практично, не е така како што посакуваме сите ние. Меѓутоа, повторно велам, пак носител на таа одлука треба да бидат ексклузивно Македонците, бидејќи се работи повеќе за нивен интерес. Меѓутоа, ние како други етнички заедници што живееме тука, треба да ги охрабриме затоа што е поголем интерес, а тоа е Македонија да биде дел од Европската Унија и што помалку луѓе да нѝ отидат надвор од државата“, смета Таравари.
Таравари не пропушти да ги коментира и ефектите на цврстиот националистички став на поголемиот партнер во власта.
“Посебно, меѓу Албанците, впечатокот како да сме во комунизмот кога имаше неколку Албанци во власт кои се послушни на тогашниот комунистички режим, се сервилни, седат таму, ништо не зборуваат или не инсистираат за правата на другите коишто живеат во државата. Меѓутоа, повторно ќе кажам дека многу битно е дека ние направивме еден чекор, дека излеговме од владата за да дадеме некаков аларм, сигнал, дека, ајде да се обидеме, да се разбудиме дека, меѓу другото, битно е и соживотот меѓу нас коишто живееме тука, европскиот пат, децентрализацијата, кои што ни беа платформа заедно со ВМРО-ДПМНЕ, којашто е најголемата партија апсолутно во македонскиот блок, доминира, меѓутоа секогаш кога соработувате со некого, не се гледа кој колку е голем, туку многу е битно партнерството. Значи, се влегува во влада како партнер, да се помогне, еден на друг да се помага. Меѓутоа, меѓу другото и над сè, да им се помага на граѓаните, тие да гледаат некаква надеж во државата, дека навистина одиме по патот којшто е најдобар за сите коишто живееме во оваа држава“, истакна Таравари.
Во однос на прашањето на правата на ранливите категории граѓани, одредени верски групи и ЛГБТ заедницата, Таравари смета дека сите граѓани треба да се еднакви во остварувањето на своите права, дека нашето општество треба да биде толерантно, иако не пропушти да нагласи дека неговата партија е десна и конзервативна.
Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во видео шорткастот „Интеркултура”.