Технички неисправен автобус превезувал 77 македонски патници за Будимпешта – Патниците спасени од трагедија на австриската граница


Автобус со 77 македонски патници, кој заминал на осмомартовско патување за Будимпешта преку скопска туристичка агенција, бил исклучен од сообраќај на австриската граница поради техничка неисправност, јавува Сител.

Патниците се нашле во опасна ситуација кога граничарите извршиле технички преглед на возилото и утврдиле дека не ги исполнува безбедносните стандарди. Во моментот кога возачот се обидувал да го паркира автобусот, осовините пукнале, што е сериозен знак за неисправност на возилото.

Патниците чекале четири часа на граничниот премин додека туристичката агенција не испратила нов автобус од Виена за да го продолжат патувањето. Тие изразија благодарност што дефектот бил откриен на време, бидејќи, како што велат, можело да се случи голема трагедија ако дефектот се појавил на автопат.

Еден од патниците го пријавил случајот до надлежните инспекторати и институции, но сè уште не добил официјален одговор. Од туристичката агенција тврдат дека автобусот бил технички исправен при поаѓањето, но дека дефектот може да се случил на пат.

„Соработуваме со автобуски компании од цела Македонија и секогаш се уверуваме дека возилата имаат важечки технички преглед. Сепак, како и кај приватните возила, дефекти можат да се појават непредвидено. Штом ја добивме информацијата, веднаш ангажиравме друг автобус за да го продолжиме патувањето“, велат од агенцијата.

Како компензација за непријатностите, агенцијата го продолжила дневниот престој во Виена и им рефундирала 50% од парите платени за факултативни екскурзии.

Овој инцидент го отвара прашањето за безбедноста на автобускиот превоз во Македонија, потсетувајќи на трагичните несреќи со „Беса Транс“ и „Дурмо Турс“, кога неисправни возила и пропусти во регулацијата довеле до голем број жртви.

Зачлени се на нашиот е-билтен