Во држава каде што зборот „совест“ полека се губи од секојдневниот говор, една 88-годишна жена од Скопје поворно е измамена. Таа со тешко срце и 1.800 евра направила сѐ што мислела дека може за да го „спаси“ своето дете или внук – мислејќи дека му се заканува затвор за сообраќајка со фатален исход.
Соња ТАНЕСКА
На прв поглед, тоа изгледа како мајчинска љубов, порив да се заштити најблискиот, но кога подлабоко ќе се загледаме, тоа е и слика на едно општество во кое сме научени дека вистината и правдата може да се купат, а совеста – да се потисне, ако тоа значи дека ќе го спасиме „нашето“.
И тука не станува збор само за наивност. Напротив. Ако навистина веруваме дека нашето дете прегазило некого – дека е одземен живот – зошто првиот чекор не ни е да повикаме Брза помош, да се обидеме да спасиме човечки живот? Зошто не полиција, не лекар? Зошто прво вадиме пари?
Бидејќи многумина од нас, длабоко во себе, живеат со едно непишано правило: дека моралот е важен, но семејството е поважно. И така, во миг на паника, не прашуваме кој е повреден во сообраќајка, туку само како да го „извлечеме“ нашиот.
Тука е и трагедијата. Што плаќаме – не за да спасиме живот, туку за да избегнеме срам. За да „заврши работата“. Да не се дознае. А жртвата? За неа никој не прашува.
Овие измами се сурови. Се играат со човечки стравови, со љубовта на родителот, со чувството на вина и грижа. Но, она што најмногу боли е што покажуваат колку сме подготвени да ја ставиме вистината на страна, ако мислиме дека така ќе си го спасиме срцето од болка.
МВР има регистрирано 45 случаи од почетокот на годината, од кои три се случиле изминатава недела, но решила само четири. Истрагата се уште не покажала кој точно се јавува, од каде го има бројот, и зошто баш таа приказна – прегазено дете – делува најубедливо.
И сѐ уште никој не знае дали се работи за организирана мрежа или некои поединци со телефони и гласови со доволно авторитет за да запалат паника. МВР апелира на будност. Медиумите пишуваат. Но измамите растат. Веројатно затоа што стравот и моралниот релативизам се поефикасни од секоја брошура за безбедност.
Во суштина, не станува збор само за измама. Станува збор за морален тест. И многумина – премногу, би рекле – паѓаат на него.