Температурни осцилации причина за зголемен број повици кон Итната помош Куманово

Поради ниските утрински и повисоките дневни температури, Итната медицинска помош во Куманово бележи зголемување на бројот на повици, информираат денеска од установата. Според лекарите, граѓаните најчесто се жалат на симптоми како главоболка, вртоглавица, општа слабост, додека кај хронично болните доминираат проблеми со висок крвен притисок и тешкотии при дишењето.

Лекарите објаснуваат дека причините за овие здравствени тегоби се поврзани со нестабилните временски услови

  • Лицата со хронични заболувања, особено оние со кардиоваскуларни проблеми, бараат помош за висок крвен притисок, заболени од астма, ХОББ, со слабо срце реагираат на ваква температура. Треба редовно да ја земаат својата терапија и да избегнуваат физички напор, изјави специјалист по ургентна медицина, Христина Краиновиќ, лекар од Итна помош Куманово.

Таа додава дека, покрај редовната терапија, важно е граѓаните да обрнат внимание на хидратацијата, да внесуваат повеќе течности, како и свежо овошје и зеленчук, кои се достапни во овој период.

Од службата нагласуваат дека, и покрај зголемениот број повици, успеваат навремено да одговорат на потребите на пациентите и да обезбедат соодветна медицинска помош.

Зачлени се на нашиот е-билтен