Тензично во Прилепско – Жителите повторно го блокираа патот по појавата на камиони на „Бехтел и Енка“

Во Прилепско денеска повторно избувна тензија меѓу жителите и компанијата „Бехтел и Енка“, откако мештаните на селото Ореовец забележале камуфлирани камиони со полициска придружба во обид да влезат на спорниот стар коп, кој беше блокиран цели девет месеци во 2024 година.

Според очевидци, колоната возила пристигнала утрово околу 7 часот, по што жителите и активистите спонтано го блокирале патот, спречувајќи ја компанијата да продолжи со активности на теренот. По околу еден час, полицијата ги придружила камионите надвор од областа.

Локалното население го толкува настанот како „повторен напад на државата и ‘Бехтел и Енка’ врз Прилеп и неговата околина“, предупредувајќи дека станува збор за нов обид за отворање рудници за мермер во близина на планината каде што се наоѓа копот.

Активистите на социјалните мрежи реагираа остро, нагласувајќи дека ќе продолжат со „одбрана на земјата, планините, водата и воздухот“, и најавија нова блокада утре во 7 часот наутро.

„Државата повторно се обидува да ги игнорира граѓаните. Но и овојпат ќе покажеме дека силата е во народот. Рудници нема да има,“ порачуваат активистите.

Ова е втор инцидент во последните две години поврзан со рударските активности во прилепскиот регион, кој жителите го сметаат за еколошки и здравствено ризичен.

Зачлени се на нашиот е-билтен