Толку огласи за вработувања пред избори немало во историјата на Македонија, а Минчев само пред пет ден најави крај на партиските вработувања

Во пресрет на есенските локални избори во Македонија, веб-страницата на Агенцијата за администрација е преплавена со огласи за вработување. Се бараатадминистративни работници за во министерствата, општините, јавните претпријатија, болниците, а огласите се отворени до крајот на јули, по што започнуваат да важат изборните правила, согласно кои постапките треба да се стават во мирување, освен во случај кога се итни и неодложни.

Од Синдикатот УПОЗ го потенцираат и фактот дека во моментов, пред распишување на локалните избори, има дури 730 објавени огласи за обработка, нешто што никогаш во историјата не се случило.

– Токму овие вработени ги спроведуваат постапките за вработување во јавниот сектор. Одговорноста при извршувањето на работните задачи во услови на притисоци и кратки рокови која ја имаат овие вработени е огромна, особено имајќи го предвид фактот дека заклучно со 09.07.2025 година, бројот на објавени огласи за вработување на административни службеници изнесува 730, а голем број од овие јавни огласи се објавени за повеќе работни места, односно извршители. Ова е највисока бројка на објавени огласи за вработување од кога постои Агенцијата за администрација, видно од годишните извештаи за работа на Агенцијата за администрација, објавени на нејзината веб страница.

А само пред пет дена, министерот за јавна администрација Горан Минчев, на прес конференција, додека ги претставуваше новите законски решенија, Законот за административни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, рече дека со тоа се става крај на партиските вработувања.

Десетици огласи за вработување објави Министерството за социјална политика, демографија и млади, а бројни активни повици за ангажирање нови кадри има и во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Со нова работна сила ќе се „зајакнуваат“ и Фискалниот совет, Агенцијата за вработување, Министерството за финансии, Царинската управа, Градот Скопје, но и останатите општини коишто поитаа да вработуваат во предизборието.

МВР ќе вработува 150 полицајци

Конкурс за прием на 150 униформирани полициски службеници распиша и Министерството за внатрешни работи. Полицијата ги повикува сите млади непартиски членови под 25 години мажи и жени со висина од минимум 170 и 160 сантиметри, со завршено средно образование на кои не им е изречена правосилна казна, да се пријават на огласот за кое работно место ќе претходи едногодишен интензивен процес на образование, тренинг и обука.

Но, кандидатите ќе треба да направат и по девет склекови за мажи и шест за жени, стомачни подигања, а ќе се тестираат и на скок во далечина од место и спринт на 20 и 100 метри, со цел да се изврши нивна селекција.

„Да се биде полицаец е повик а не обична професија. Затоа придружи не се, прифати го својот повик, биди полицаец. Ако се одлучиш да го следиш својот повик, да го прифатиш предизвикот, те очекува едногодишен интензивен процес на образование, тренинг и обука“, се вели во повикот на МВР.

На огромниот број огласи и реагираше и опозициската СДСМ, од каде што истакнаа дека владата на ВМРО-ДПМНЕ спроведува масовна, бртутална партизација на институциите преку нова серија вработувања со партиски списоци.

„Вака ли ВМРО-ДПМНЕ ќе го менува системот? За ова ли бараа доверба од граѓаните? Сите ветувања за мерит-систем, професионализација и правична држава се фрлени во вода“, посочуваат од СДСМ.

Зачлени се на нашиот е-билтен