Не можам да се сложам дека актуелни вработени во рамки на Министерството за внатрешни работи на одредени позиции или во рамки на други институции кои биле директно инволвирани не се дел од осомничените или не се дел од истрагата, посочи министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во одговор на новинарско прашање поврзано со тоа дали актуелни носители на функции се осомничени во истрагата за пожарот во Кочани во којшто загинаа 59 лица.
За сѐ што е предмет на истрага, додаде Тошковски, надлежен е јавниот обвинител.
– Во однос на сите оние дејствија што се предмет на истрагата и се предмет на понатамошниот тек на истрага, согласно она што ќе биде преземено во рамки на истата истрага, во моментот кога ќе можеме да го споделиме со јавноста, ќе го споделиме. Сите останати детали, јавниот обвинител е оној кој е „dominus litis“ во рамки на постапката. Истиот во текот на денешниот ден имаше детално информирање на јавноста, рече Тошковски.
Прашан дали актуелниот директор на Државната пазарна инспекција Влатко Сајкоски правел инспекторски надзори, со оглед на тоа што денеска јавниот обвинител Љупчо Коцевски на прес-конференција посочи дека осомничен е поранешен директор на ДПИ поради непостапување, Тошковски рече дека МВР соодветно ќе постапи во моментот кога ќе бидат утврдени сите потребни факти.
– Во оној момент кога ќе ги утврдиме сите потребни факти со предметниот кривично-правен настан, соодветно и ќе постапиме во однос на сите оние кои имаат било каква директна или индиректна поврзаност. Истрагата е отворена и практично формално е отпочната вчера со поднесување на кривична пријава од страна на МВР. Во текот на претходниот ден, исто така имавме поднесено кривична пријава против дел од осомничените во рамки на посебна постапка, под надлежност на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, затоа што предметните лица беа полициски службеници и во однос на тие истрагата започна пред два дена, во однос на сите останати истрага започна вчера. Ова е само почеток за она што следи, рече Тошковски.