Тошковски најави толеранција во мерењето на брзината со „Сејф сити“, но без отстапки за кривична одговорност

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека системот „Сејф сити“ ќе функционира со прецизно утврден праг на толеранција при мерењето на брзината, кој ќе се применува исклучиво за прекршочни постапки. За потешки случаи и опасно возење, како што нагласи, нема да има никаква толеранција и ќе се постапува согласно кривичната одговорност.

Тошковски појасни дека правилата за толеранција не ги дефинира Министерството за внатрешни работи, туку надлежна институција која моментално е во рамки на Министерството за енергетика, а сè е усогласено со важечката законска регулатива.

Според министерот, ваков модел со праг на толеранција постои во голем број држави и се применува при автоматско детектирање на сообраќајни прекршоци преку системи како „Сејф сити“. Тој посочи дека ограничувањето на брзината, на пример до 50 километри на час, значи дека секое значително пречекорување, особено кога има повредени лица или други отежнувачки околности, повлекува соодветна постапка со кривична одговорност.

Министерот потенцираше дека толеранцијата ќе важи само за полесни прекршоци, додека за опасното и неодговорно возење нема да има компромис. Како поткрепа на оваа позиција, тој се повика на меѓународните статистики за сообраќајна безбедност.

„Податоците јасно покажуваат дека при брзина од 60 километри на час, шансите за преживување се речиси минимални – од десет лица, во просек преживуваат само две“, изјави Тошковски, нагласувајќи дека примарната цел на „Сејф сити“ е зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на тешките сообраќајни несреќи.

Зачлени се на нашиот е-билтен