Тошковски за МИА: Македонија нема да биде хаб за мигранти 

Тошковски

Во изјава на МИА, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакнува дека Македонија ниту размислува, ниту има какви било шанси да се согласи да биде центар за прифаќање на мигранти или локација за отворање мигрантски кампови.

Тошковски, кој оваа изјава ја даде во Брисел кадешто учествуваше на Меѓународната конференција на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти, уште рече дека темата е крената од страна на опозицијата и дека тоа нема никаква врска со реалноста или логиката.

Тој потенцира дека за вакво нешто ниту е размислувано, ниту е разговарано од страна на Министерството за внатрешни работи, ниту пак би било прифатливо за државата.

– Овде само би сакал да го потенцирам она што денеска го говореа и претседателката и премиерот, а претходно и министерот за надворешни работи, дека Македонија, ниту размислувала, ниту размислува, ниту има какви било шанси да прифати во иднина да биде каков било хаб центар или да отвори кампови за мигранти. Такво нешто ниту имало, ниту пак ќе има, потенцира Тошковски.

Во однос на законските регулативи на ЕУ, поврзани со Пактот за азил и миграција, Тошковски нагласи дека во рамки на пристапниот процес кон Унијата, она што ќе претстои за земјава ќе биде да се работи на усогласување на нашето законодавство со европските директиви во оваа сфера.

Зачлени се на нашиот е-билтен