Струмичанец на возраст од околу 60 години го загуби животот денеска околу пладне во пожар во неговиот дом, кој според првичните информации бил предизвикан од вклучена греалка.
Инцидентот се случил на улица „Широк дол“ и бил пријавен во 12:35 часот. Од струмичката полиција потврдија дека е извршен увид, а присутен бил и јавен обвинител од ОЈО Струмица.
Инспекторот за пожари при Дирекцијата за заштита и спасување, Митко Димчев, изјави дека најверојатно станува збор за несреќен случај. Несреќниот човек се задушил од чадот, додека пожарот уништил просторија во куќата.
Во гаснењето учествувале четворица пожарникари со едно противпожарно возило.
„За жал, при интервенцијата внатре во просторијата беше пронајдено безживотно тело, зафатено од пламенот,“ информираа од струмичката противпожарна единица.
Смртта на човекот ја констатирал лекар, а истрагата за трагичниот настан продолжува.