Партиското рекламирање со државни пари останува најголемата аномалија на изборните процеси, вели во разговор за БИРН, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски.
Како една од аномалиите Трајчевски ја небведува онаа според која странски портали добивале пари за изборно рекламирање.
„Нашата анализа покажа дека имаме уште еден вид портали, кои доаѓаат од странски држави. Не знаеме по која основа имаше портали од Косово, од Албанија, од Србија, од Данска, кои на минатите избори се пријавија тука, да добиваат пари. Јас не сум слушнал дека во некоја друга држава може да дојде медиум од трета држава и таму да биде користен за платено политичко рекламирање.“
Тој смета дека моделот гради клиентелистички односи меѓу партиите и медиумите. Анализите на АВМУ откриле и дека новоотворени портали, меѓу кои и од странство, зеле буџетски пари за избори, користејќи го моментот дека нема контрола и транспарентност.
Партиите за реклами црпат пари од буџетот, кој, во зависност од тоа дали имаме единечни или двојни избори, се движи меѓу пет и десет милиони евра.
Во агенцијата, со која раководи Трајчевски, во тек е регистрација на онлајн-порталите, која е дел од обидот за медиумска регулација на интернет-новинарството. Процес што никаде во светот не минува без предизвици.
За регистрацијата, некои од медиумите треба да направат и одредени административни прилагодувања што одземаат време, како што е промена на шифра, а за да влезат во регистарот, треба да имаат и МК-домејн и најмалку двајца вработени.
Регистрацијата е доброволна, а засега интересот е мал, вели Трајчевски во интервјуто за БИРН.
Трајчевски ја пренесува генералната претпоставка на АВМУ дека интересот е мал зашто можеби некои од порталите се плашат дека со регистрацијата тие ќе мора да ги откријат и изворите на финансирање.
Со оглед дека не се земени предвид минатогодишните предупредувања на АВМУ во делот на државно спонзорираните реклами за избори, Трајчевски е песимист дека и по овие избори, ќе добиеме појасна и потранспарентна слика како се трошеле државните пари за партиско рекламирање.
Целото интервју на директорот на АВМУ Зоран Трајчевски за БИРН е објавено на порталот Призма.мк.