Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, официјално го достави до Собранието предлогот Трајко Славески да биде новиот гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија. Во образложението на предлогот се истакнува дека изборот е резултат на внимателна проценка базирана врз стручност, компетентност, интегритет и реална можност за именување, при што беше потенцирано дека сите разгледани кандидати покажале висок квалитет.
Како кандидати за гувернер се споменуваа и Зоран Ставрески кој, покрај Славески, е уште еден екс-министер за финансии во владите на пребеганиот Никола Груевски, а сега е советник на премиерот Христијан Мицкоски. Исто така, беше спомената како кандидат и сегашната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска.
Ставајќи се на браникот на Владата, Славески вели дека патувањето со бизнис класа на владиниот тим било нужност за поефикасен настап на државата во САД. А, притоа, откако дојдоа реакциите од јавноста коишто ја осудија оваа постапка, иронизираше и зајадливо прашуваше дали можеби високите владини претставници требале да патуваат преку океанот еден месец со брод?
Ваквата реакција на претседателот на Советот на Град Скопје и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Славески доаѓа по обвинувањата на СДСМ дека премиерот Христијан Мицкоски и тројца министри на Самитот на НАТО во Вашингтон во 2024 година, патувале со бизнис класа, и само за нивните авионски карти биле потрошени 20.000 евра.
Тој тоа го оцени како исправно, а сето друго било гол популизам. Но, ваквиот потценувачки однос кон расфрлањето државни пари, повеќе личи на аздисаност, збеснатост и ароганција. Дотолку повеќе, што актуелната власт се жали дека буџетот е празен и ги критикува СДСМ и ДУИ дека неодговорно ги трошеле парите од државната каса додека биле на власт.
Во немоќта на ВМРО-ДПМНЕ да се справи со ценовните шокови, професорот и претседавач со Советот на Град Скопје, Трајко Славески, ја оспори синдикалната месечна потрошувачка кошничка, тврдејќи дека едно просечно македонско семејство има три, а не четири члена.
Инаку, Славески од локалните избори во 2021 година, кога на власт дојде градоначалничката Данела Арсовска, е советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во градскиот совет, а воедно е и претседател на Советот. Во јавноста ќе останат запаметени неговите јавни препукувања со градоначалничката на седниците на Советот откако односите меѓу партијата што ја поддржа и Арсовска се влошија во 2022 година.
Инаку, Славески е јавна личност со децениска експертиза и искуство на крстосницата меѓу академијата и политиката. Професор на Економскиот факултет и поранешен министер за финансии, тој зад себе има прилично големо реформско досие. Образован во САД како добитник на Фулбрајтова стипендија, студирал на врвни универзитети како Харвард и Калифорнискиот државен универзитет, каде, како што самиот ќе рече во едно интервју, „не може со блеф, има критериуми и стандарди“.
Во јавноста е познат како еден од клучните автори на антиинфлаторната програма во 90-тите години и учествуваше во носењето на дел од економските реформи, меѓу кои се и оние за воведување на ДДВ, рамниот данок, концептот бруто-плата од почетокот на 2009 година, но и трансформацијата на Заводот за платен промет.
Пред да стане нов македонски гувернер, Собранието треба да го излагаса предлогот на претседателката Сиљановска-Давкова.