Трамп одбива компромис со ЕУ – Купете енергенси вредни 350 милијарди долари

Американскиот претседател Доналд Трамп ја одби понудата на Европската унија за укинување на царините на увоз на автомобили и индустриски производи од САД, со став дека Брисел мора да се обврзе на купување на американска енергија во вредност од 350 милијарди долари доколку сака да избегне дополнителни царински мерки.

На прес-конференција одржана во Белата куќа, Трамп одговори на изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која порано истиот ден порача дека ЕУ е подготвена целосно да ги укине царините за американските автомобили и индустриска стока – под услов САД да возвратат со иста мерка.

„Не, тоа не е доволно,“ изјави Трамп на новинарско прашање. „Имаме трговски дефицит со ЕУ од 350 милијарди долари. Тој дефицит може брзо да исчезне – ако тие купуваат енергија од нас. Во вредност од 350 милијарди. И тоа мора да биде договорено.“

Минатата недела САД воведоа нови царини: 20% на стоки од ЕУ и најмалку 10% на производи од други трговски партнери. Овие потези предизвикаа силни реакции на глобалните берзи – европските индекси го доживеаја најголемиот пад од почетокот на пандемијата.

Трамп истакна дека трговскиот суфицит не е занемарлива бројка: „Многумина велат дека тоа не е важно, но за мене е. Тоа е како финансиски извештај – или си во добивка, или си во загуба.“

Покрај него на средбата беше и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој престојуваше во Вашингтон за да разговара за исклучување на Израел од новите американски царини. По средбата, Трамп изрази подготвеност за договор со ЕУ, но само доколку се намали трговскиот дефицит преку зголемен увоз на американска енергија.

Оваа идеја не е нова – уште по реизборот на Трамп, фон дер Лајен предложи отворање на разговори за увоз на поголеми количини американски течен природен гас, но според „Политико“, САД не излегоа со прецизни услови.

На новинарско прашање дали глобалните царини се само притисок во преговорите или долгорочна мерка, Трамп одговори: „Може да бидат трајни, а може и дел од преговорите. Се зависи од тоа што ќе добиеме.“

„Сега Америка е на прво место. Ќе прифатиме само фер и поволен договор – за нас, не за другите,“ додаде тој.

Трамп подоцна посочи дека слушнал оти ЕУ веќе ги намалила царините на автомобили на 2,5%, можеби дури и на нула. Но, ја обвини Унијата дека поставува строги технички и безбедносни стандарди за да ја спречи продажбата на американски производи – „нематеријални бариери“, како што ги нарече.

„Поставуваат правила и тестови толку строги што продажбата станува невозможна,“ рече тој. „Тоа се прикриени форми на царина, и нема да го дозволиме тоа.“

На крајот, Трамп се повика на историјата како мотивација за својата политика:
„Америка беше најсилна од 1870 до 1913 година, кога се финансиравме со царини, а не со данок на доход. Тогаш не ги оптоварувавме граѓаните, туку странците кои профитираат од нас,“ заклучи тој.

Зачлени се на нашиот е-билтен