Трамп потпиша наредба за укинување на Министерството за образование

Американскиот претседател Доналд Трамп ја потпиша извршна наредба за укинување на Министерството за образование. Според Трамп, ова е почеток на неговите напори да го елиминира одделот и ја обвини агенцијата за „неуспеси кои го одземаат здивот“.

„Ќе ја затвориме што е можно побрзо. Тоа не ни носи ништо добро“, рече Трамп.
Од Белата куќа, пак, признаваат дека целосното затворање на агенцијата ќе бара потврда од Конгресот.

Трамп вели дека „САД трошат повеќе пари за образование далеку од која било друга земја“ и додава дека учениците се рангирани близу до дното на листата.

Извршната наредба, како што пишува Би-би-си, најверојатно ќе се соочи со правни предизвици, како и многу од напорите на администрацијата на Трамп да ја намали големината на федералната влада.

На церемонијата на потпишување, Трамп ја пофали Линда Мекмахон, која ја назначи да го води одделот и изрази надеж дека таа ќе биде последната секретарка за образование.

Тој рече дека ќе најде „нешто друго“ за неа во администрацијата.

Ако одделот не биде формално затворен, администрацијата на Трамп би можела да го намали финансирањето и персоналот.

Текстот на извршната наредба не вклучува специфики за тоа какви дејствија ќе преземе администрацијата и кои програми би можеле да се отстранат.

Тој и наредил на Мекмахон „да ги преземе сите неопходни чекори за да го олесни затворањето“ на одделот и да им даде овластување за таквите прашања на државните и локалните власти.

Основан во 1979 година, одделот за образование администрира студентски заеми и води програми кои им помагаат на студентите со ниски приходи.

Зачлени се на нашиот е-билтен