Трамп, пријателот на власта, ја нема покането Македонија во „Мировен совет“, а повеќе балкански земји се повикани да се придружат

Трамп

Албанија, Грција, Романија, Хрватска, Косово и Словенија, и ако ја сметаме и Турција за дел од Балканот, тоа се земјите што потврдија дека добиле покана од Доналд Трамп да се приклучат кон иницијативата „Совет за мир“. И додека за Србија не е најјасно дали е поканета или не, Црна Гора и Босна и Херцеговина не се поканети, досега. Пријателот на Власта, Доналд Трамп, досега не испратил покана ниту за Северна Македонија.

Оваа слика, иницијативата на Доналд Трамп за создавање „Совет за мир“, ги разоткрива и пукнатините на Балканот. Додека Албанија е на страната на Вашингтон, Словенија, Романија и Грција продолжуваат со воздржаност.

Создавањето на „Советот за мир“ на иницијатива на претседателот Трамп има за цел да поттикне меѓународна соработка за постигнување мирно решение за воените конфликти во Газа и други региони.

Во оваа фаза, Албанија се издвојува како исклучок. Премиерот Еди Рама е единствениот лидер во регионот кој отворено ја прифатил поканата.

На платфромата X, тој ја оцени поканата на Трамп како „привилегија и чест“ и прецизираше дека оваа одлука сè уште треба да биде ратификувана од страна на албанскиот парламент. На овој начин, Тирана ја потврдува својата проамериканска позиција, во согласност со дипломатијата обединета со Вашингтон.

Меѓу другите држави на Балканот што добија покана владее воздржаност. Хрватска, Романија, Грција и Словенија го потврдија приемот на поканата, без да коментираат за нивното учество. Загреб вели дека го „разгледува“ предлогот, додека Букурешт формираше експертска група за анализа на неговите импликации.

Во Романија, претседателот и Министерството за надворешни работи во последните денови се огласија и за друго чувствително прашање – Гренланд, повикувајќи на „дијалог меѓу сојузниците и воздржаност“.

Овие претпазливи изјави во врска со САД ја нагласуваат важноста на сегашните и идните американски инвестиции во Романија, особено во енергетскиот и воениот сектор.

Атина, од своја страна, се наоѓа во деликатна позиција, растргната помеѓу својот стратешки сојуз со САД и своите европски корени.

„Меѓународното право и заштитата на националниот суверенитет остануваат приоритет“, рече портпаролот на грчката влада Павлос Маринакис, без да ја исклучи можноста за приклучување на иницијативата.

Словенија се чини дека е еден од најчувствителните случаи. Официјално, премиерот Роберт Голоб сè уште не донел одлука. Сепак, зад сцената се изразуваат сериозни резерви. Веќе неколку месеци, Љубљана практикува дипломатска линија обележана со силна посветеност на мултилатерализмот и меѓународното право.

Министерката за надворешни работи Тања Фајон неодамна потврди дека Словенија размислува да се придружи на тужбата поднесена од Јужна Африка против Израел во Меѓународниот суд на правдата. Оваа позиција тешко е компатибилна со членството во структура замислена и предводена од Доналд Трамп, која се смета за ривал на ОН.

Во меѓувреме, симболичното распоредување на двајца словенечки војници на Гренланд, како дел од арктичката мисија, се толкува како јасна политичка порака во корист на почитувањето на националниот суверенитет.

Србија, сега засега, останува настрана. Претседателството не го потврди приемот на покана и досега не е објавена никаква официјална реакција. Ова молчење ги поттикнува шпекулациите во контекст во кој Белград одржува блиски односи со Вашингтон, Москва и Пекинг, а потенцијалното присуство на Русија во Советот веќе предизвикува силни критики во Европа.

Турција, исто така, одложува јасен одговор. Претседателот Реџеп Таип Ердоган сè уште не одлучил дали да се приклучи на Советот, објасни министерот за надворешни работи Хакан Фидан. Анкара ги проценува политичките придобивки од таквото учество, а воедно обезбедува зачувување на својот стратешки простор за маневрирање.

Денес, Румен Радев, бугарскиот претседател во оставка, објави дека добил покана од Трамп Бугарија да се приклучи на земјите-основачи на Мировниот совет инициран од американскиот претседател

Во својот одговор, Радев ја нагласи „важноста на мировните иницијативи на претседателот Доналд Трамп за деескалација на голем број воени конфликти и изрази надеж дека поддршката на Доналд Трамп за улогата на дипломатијата ќе доведе до постигнување одржливи мировни решенија во Газа и глобално“.

Но, ситуацијата во која се наоѓа сега Бугарија, без влада и претседател во оставка, е, практично, олеснителна околност за Софија, која не мора веднаш да даде одговор.

Зачлени се на нашиот е-билтен