Транспаренси Интернешнл: Загрижувачки пад во справувањето со корупцијата

Корупцијата

31-вото издание на Индексот на перцепција на корупцијата (ИПК) на Транспаренси Интернешнл прикажува загрижувачка слика на долгорочен пад на лидерството во справувањето со корупцијата, со ограничени знаци на напредок.

Корупцијата се влошува на глобално ниво, при што дури и воспоставените демократии бележат раст на корупцијата поради пад на лидерството, покажува Индексот на перцепција на корупцијата (ИПК) за 2025 година на Транспаренси Интернешнл, објавен денес. Овој годишен индекс покажува дека бројот на земји со резултат над 80 се намалил од 12 пред една деценија на само пет оваа година.

Транспаренси Интернешнл предупредува дека отсуството на храбро лидерство во глобалната борба против корупцијата ја ослабува меѓународната антикорупциска акција и ризикува да го намали притисокот за реформи во земјите ширум светот.

Во многу европски земји, антикорупциските напори во голема мера стагнираа во последната деценија. Од 2012 година, 13 земји од Западна Европа и ЕУ значително се влошиле, додека само седум бележат значително подобрување.

Високите резултати на ИПК не гарантираат дека земјите се без корупција, бидејќи неколку високо рангирани држави овозможуваат корупција во други земји преку олеснување на перењето и трансферот на коруптивни приходи преку граници — нешто што ИПК не го опфаќа.

И оваа година Данска се наоѓа на првото место со 89 поени. Потоа следат Финска со 88, Сингапур со 84, Нов Зеланд и Норвешка со 81 и Шведска и Швајцарија со 80 поени.

Македонија и оваа, како и минатата година има 40 поени. Во следнта табела се гледа трендот на бодување на Северна Македонија на ИПК и позициите кои ги заземала во периодот од 2018 до 2025 година.

На презентацијата на Индексот за перцепција на корупцијата претседателот на Транспаренси Интернешнл- Македонија Благоја Пандовски, истакна:

Република Северна Македонија и годинава бележи 40 поени на Индексот за перцепција на корупцијата, што значи дека нема суштински напредок во борбата против корупцијата, туку има константа како почетна точка од која работите треба да тргнат на подобро.

Формално сме позиционирани четири места подобро на ранг-листата од минатата година 84 позиција. Ова подобрување покажува дека минатата година во борбата против корупцијата ни одело подобро од 4 други држави.

Клучните системски проблеми и понатаму остануваат неуспешните и недовршени реформи во судството и обвинителството, кои не успеваат да обезбедат ефикасен, независен и одговорен правосуден систем. Дополнително, случувањата поврзани со поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата сериозно ја наруши довербата на јавноста во институциите задолжени за борба против корупцијата.

Загрижува и нетранспарентниот процес на изготвување на измените на Кривичниот законик, како и нивната содржина, која не само што не придонесе за зајакнување на антикорупциската рамка, туку во одредени сегменти ја ослаби. Исто така, се уште не се донесени и новиот Закон за укажувачи, како и измените на Законот за спречување на корупција и судир на интереси, едни од најважните закони во борбата против корупцијата.

Овие резултати испраќаат јасна порака: без вистинска политичка волја, транспарентни процеси и отчетни институции, Северна Македонија ќе остане заглавена во стагнација. Борбата против корупцијата мора да се третира како врвен државен приоритет, а не како декларативна заложба.

Зачлени се на нашиот е-билтен