Тренчевска: Оставаме шанса на институциите за професионална и неселективна истрага за трагедијата во Кочани, потоа ќе излеземе со идни дејствија

Оставаме шанса на институциите за професионална и неселективна истрага за трагегијата во Кочани, потоа ќе излеземе со нашите идни дејствија, истакна на денешната прес-конференција пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска.

-Оставаме шанса на институциите. Истрагата е во тек и затоа нашиот став е дека треба професионално, неселективно да се заврши целата истрага. Да не опструираме во текот на истрагата. По завршување на истрагата како СДСМ ќе излеземе со став за нашите идни дејствија. Во моментот кога ќе заврши истрагата зависно од резултатите од истрагата. Цело време и на прес-конференциите од страна на раководството и од пратениците оставаме шанса да видиме неселективна и професионална истрага и врз основа на истрагата ќе ги градиме идните ставови на СДСМ, рече Тренчевска одговарајќи на прашањето дали СДСМ ќе ја поддржат идејата на ДУИ за формирање на собраниска Анкетна комисија за неселективна правда за случајот во Кочани.

За барањето на ВМРО-ДПМНЕ дека е прифатлива Анкетна комисија во однос на истрагата за овој случај, но бараат и проширување на опсегот на оваа комисија со истрагите поврзани со Модуларната болница во Тетово, „Беса транс“ и други случаи, Тренчевска истакна дека би поддржиле таков предлог.

Тренчевска нагласи дека ќе ги поддржат најавените измени за Законот за јавен ред и мир за зголемени казни, за малолетници и за пиротехника.

-Денеска на дневен ред е потребата од донесување по скратена постапка на Законот за јавен ред и мир. Ќе го поддржиме и ќе поднесеме одредени амандмани во делот на прекршочните одредби. Во делот на зголемување на казните, рече таа.

Пратеничката на СДСМ потенцира дека не е вистина оти Собранието две недели било на одмор. Посочи дека пратениците работеле, само Собранието и работните тела не одржувале седници.

-Собранието две недели немаше седници, меѓутоа еве и јас, но и многу други колеги од сите политички партии бевме во Собранието и имавме и средби со граѓаните и работевме на тоа што значи креирање на политики, нови предлог-закони и се она што е дел од нашите обврски. Она теза дека сме биле на одмор не е вистина. Не бевме на одмор, туку едноставно само Собранието немаше закажано седници на Собранието и на работните тела, рече Тренчевска.

Зачлени се на нашиот е-билтен