Борбата за зголемување на минималната плата е прашање на егзистенција, а не битка против Владата или компаниите, порача претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов.
„Загрижува тоа што нема договор за зголемување на минималната плата, а не смее ниту да има до завршување на локалните избори“, рече Трендафилов во интервју за Канал 5. Тој предупреди дека секоја година сè повеќе граѓани се иселуваат, бројот на вработени се намалува и оти работниците не смеат да бидат жртви на „алчноста или самобендисаноста на една од страните или на две од страните наспроти третата“.
Првиот човек на ССМ потсети дека „од почетокот на годината до сега сме одржале 14 протести и два штрајка за плати, не сме имуни на огранизирање на нови… но се надеваме дека ќе наидеме на разбирање и преку дијалог ќе дојдеме до повисоки плати“.
Според него, доколку пратениците навистина се грижат за работниците, тие „можат уште веднаш да донесат измени и дополнувања на законот за минимална плата и тоа да се применува по завршување на локалните избори“.
Трендафилов потсети дека последното зголемување на минималната плата во 2022 година било „извојувано на улица“ и испрати порака: „Не не буткајте на улица, дајте да седнеме да се договориме“.
Тој нагласи дека моменталната состојба е на штета на „167 илјади вработени во државата“ и оти „најголеми виновници се креаторите на политиките, работодавачите и Парламентот“.
Како аргумент, лидерот на ССМ ја посочи синдикалната кошница која, според пресметките, не може да се покрие ниту со две минимални плати. Притоа, ја спореди Македонија со соседството, посочувајќи дека во Србија минималната плата од октомври ќе изнесува 500 евра, во Црна Гора 600–800 евра, а во Босна и Херцеговина 511 евра.
„160 илјади работници не знаеме што чекаат на овие седум илјади да се изборат за нив, или 509 илјади работници вкупно во државата да очекуваат дека 63 илјади членови на ССМ сами ќе се справат и со Владата и со работодавачите. Тоа се многу фронтови и поддршката е потребна од сите синдикати и од сите работодавачи“, истакна Трендафилов.