Пожарот што веќе три дена беснее на непристапниот ридски појас над липковските села Лојане и Ваксинце сѐ уште не е целосно изгаснат, соопшти денеска Регионалниот центар за управување со кризи – Куманово. Оганот зафатил сува трева и нискостеблеста шума, но екипите на „Национални шуми“ со теренски возила успеале да ја локализираат главната линија и да спречат проширување кон Лојане.
Паралелно, противпожарните сили имале уште неколку интервенции во рамките на регионот. Екипата од Старо Нагоричане го изгаснала пожарот што зафати сува трева, жетвени остатоци и лозови насади меѓу селата Клечовце и Дозвезнце, ограничувајќи го штетното дејство врз земјоделските површини.
Во Куманово, пожарникарите од ТППЕ интервенирале во два одделни настани: едниот кај улицата „Индустриска“, каде горела сува трева, а другиот во семеен дом во градот, во кој била опожарена кујна. Благодарение на навремената реакција огнот бил брзо ставен под контрола и спречено е негово понатамошно ширење.
Од Центарот за управување со кризи апелираат граѓаните да се воздржат од палење огнови на отворено и веднаш да пријават било какво забележано чадење, бидејќи високите температури и сувата вегетација ја зголемуваат опасноста од нови пожари.