Трговските политики на Трамп создаваат економска неизвесност во САД

Претседателот на американските Федерални резерви, Џером Пауел, изјави дека трговските политики на претседателот Доналд Трамп го успоруваат напредокот во намалувањето на инфлацијата.

Откако Федералниот комитет за отворен пазар (FOMC) во средата објави дека каматните стапки остануваат непроменети по вторпат годинава, Пауел на прес-конференција нагласи дека царинските планови на Трамп создаваат значителна економска неизвесност.

Зборувајќи за економските прогнози на FOMC за остатокот од годината, кои предвидуваат повисока инфлација во споредба со декемвриската проекција, Пауел изјави дека „голем дел од тоа доаѓа од царините“. Додаде и дека „инфлацијата предизвикана од царини може да го одложи натамошниот напредок“.

Најновите податоци за индексот на потрошувачки цени покажуваат дека инфлацијата во февруари пораснала за 2,8% на годишно ниво, приближувајќи се до целта на Федералните резерви од 2%.

Од доаѓањето на власт, Трамп воведе повеќе царински мерки, вклучувајќи царина од 25% на увозот на челик и алуминиум. Тој исто така одложи дополнителни царини за стоки од Канада и Мексико, клучни трговски партнери на САД.

Трамп претходно призна дека Американците ќе почувствуваат „одредена болка“ поради неговите трговски политики, но тврди дека на долг рок тие ќе донесат корист. Сепак, Пауел предупреди дека царините генерално го намалуваат економскиот раст и ја зголемуваат инфлацијата.

Членовите на FOMC и понатаму предвидуваат две намалувања на каматните стапки во 2025 година, што останува непроменето во однос на декемвриските прогнози. Но, Пауел нагласи дека економската неизвесност предизвикана од царинските политики на Трамп може да влијае врз овие проекции.

Зачлени се на нашиот е-билтен