Пратениците во Собранието ги усвоија законските измени со кои треба целосно да заживее системот „Безбеден град“. Изгласани се измените во Законите за возила, за полиција, за извршување санкции и за безбедност на сообраќајот, додека измените во Законот за прекршоци се уште во второ читање. Паралелно, предложени се и измени во Кривичниот законик, со цел усогласување со новиот пакет мерки.
Новите правила детално ја уредуваат постапката – од евидентирање на прекршокот, преку известување на сторителот, па сè до изрекување на најстрогите санкции. Системот „Безбеден град“ треба целосно да профункционира од 1 февруари.
Според законските измени, возач кој трипати во рок од четири години ќе добие правосилна забрана за управување возило од иста категорија, ќе остане без возачката дозвола. Судот ќе ја одземе дозволата, а сторителот нема да смее повторно да полага возачки испит најмалку една година.
По донесувањето на судската одлука, таа ќе се доставува до Министерството за внатрешни работи, по што возачот ќе биде известен преку СМС или имејл дека возачката дозвола престанува да важи во рок од осум дена. Забраната за управување возило може да трае од еден месец до една година, а податоците за изречените мерки ќе им бидат достапни и на граничните служби.
За странски државјани со странска возачка дозвола, изречената забрана ќе важи за територијата на државата, а за тоа ќе биде известена и граничната полиција.
Новините ги опфаќаат и податоците за контакт. Секој сопственик на возило кој ќе го промени телефонскиот број или електронската адреса, ќе мора во рок од три дена да ги ажурира тие информации во станицата за технички преглед. Доколку тоа не го направи, следува глоба од 100 евра, а казни се предвидени и за правните лица, во зависност од нивната големина.
Прекршителите ќе добиваат СМС и електронска пошта со записник и фотографија од сторениот прекршок. Тие ќе имаат право на жалба пред суд, а доколку глобата ја платат во рок од осум дена, ќе плаќаат само половина од износот.
Со измените се доуредува и системот на негативни поени, а во Законот за безбедност на сообраќајот се воведува толеранција при мерењето на брзината, при што од измерената вредност ќе се одзема маргината на грешка на уредот.
Се воведува целосна забрана за управување возило под дејство на дроги и психотропни супстанции, а автошколите добиваат дополнителни обврски, кандидатите за инструктори, предавачи, контролори и испитувачи ќе мора да полагаат стручен испит пред комисија во МВР. Законот ги прецизира и зоните со смирен сообраќај, со воведување „зона училиште“ и „зона 30“.
Значајни измени се предвидени и во Кривичниот законик. За тешки кривични дела во сообраќајот, судот задолжително ќе изрекува забрана за управување возило во траење од шест месеци до десет години. Дополнително, судот ќе може да го одземе и возилото доколку сторителот сторил тешко кривично дело во сообраќајот и претходно веќе бил осудуван за слични дела.
Казни затвор од три месеци до три години и парични казни се предвидени за возење со повеќе од 1,5 промили алкохол во крвта, за возење под дејство на дроги, за движење во спротивна насока, за претекнување на непрегледно место или за значително надминување на дозволената брзина. Истите санкции важат и за организирање или учество во недозволени трки, како и за управување возило без положен возачки испит или без важечка дозвола.