Триесетдневен притвор за уапсениот член на обезбедувањето на Мицкоски

Основниот кривичен суд одреди 30-дневен притвор за полицискиот службеник и член на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски, кој беше уапсен под сомнение дека издавал службени тајни на трети лица. Притворот е изречен врз основа на член 360, став 2 од Кривичниот законик, кој предвидува затворска казна од најмалку една година за одавање службена тајна од користољубие или заради користење на податоците во странство.

Според информациите, станува збор за Ангел Сарамаков од Велес, кој веќе е префрлен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари. Според медиумските извештаи, тој бил дел од обезбедувањето на премиерот по смената на власта. Неофицијалните информации сугерираат дека доверливи податоци биле продавани на членови на криминална група од Грчец, но овие тврдења сè уште не се потврдени од надлежните институции.

Од Владата истакнаа дека истрагата треба да ги утврди сите околности на случајот и потенцираа дека безбедноста на премиерот не била загрозена.

Сарамаков беше уапсен во саботата на паркинг пред хотел во Велес, додека бил во возило „БМВ“ заедно со друго лице. При претресот, во автомобилот бил пронајден ранец со службени материјали од Министерството за внатрешни работи. Акцијата беше спроведена од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди (ОВККИПС), во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Во рамките на истражните дејствија биле извршени претреси на повеќе локации, при што биле запленети мобилни телефони, електронски уреди, службени документи и други предмети поврзани со случајот.

Апсењето предизвика политички препукувања меѓу опозицискиот СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ изразија сомнеж за можни врски меѓу најблиските луѓе на премиерот и криминалното подземје. Тие поставија прашање дали обезбедувањето работело самоволно или било испратено со задача да пренесува информации, имајќи предвид дека премиерот нема официјален пристап до доверливи податоци.

„Пред само неколку месеци, шефот на неговото обезбедување нападна полициски службеници и спречи полициска акција за сузбивање на дрога – настан што МВР тогаш се обиде да го прикрие. Сега, неговиот личен избор за обезбедување, Ангел Сарамаков, беше фатен како оддава службени тајни на лица од Грчец. МВР цел ден се обидуваше да го скрие скандалот, но под притисок на медиумите, беше принудено да излезе со информација во јавноста“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека наместо да ја поздрави акцијата на МВР, СДСМ се обидува да ја политизира истрагата.

„СДСМ тешко може да ја разбере борбата против криминалот. Кога последен пат бил уапсен член на обезбедување на премиер? Ќе потсетиме дека Заев и СДСМ го имаа случајот ‘Сашо ќе пукам’, како и премиерски телохранител од Струмичко со повеќе пријави за насилство, кои никогаш не беа санкционирани“, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија додаваат дека законот важи подеднакво за сите и дека нема да има толеранција за криминални дејствија, без разлика на политичката припадност.

Зачлени се на нашиот е-билтен