Милена Таскова, која денеска патуваше со авион на релација Скопје – Бари, стана тримилионитиот патник што оваа година поминал низ Меѓународниот аеродром „Скопје“. Од ТАВ Македонија доби подарок, бесплатни аеродромски услуги од сестринските компании и два авионски билета обезбедени од нискобуџетниот превозник „Визер“.
Овој значаен момент претставува прво достигнување од ваков обем во историјата на македонскиот авио-сообраќај, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
„Драго ми е што токму ова семејство што патува за Бари е тримилионитиот патник на аеродромот. Ако ги споредиме бројките со оние од пред 10, 20 или 30 години, вакво нешто беше незамисливо. Скопскиот аеродром станува регионален центар“, рече Николоски, нагласувајќи дека растот на патничкиот сообраќај директно го поттикнува и туризмот.
Тој потсети дека новите авиолинии значително придонесоа за зголемувањето на бројот на патници. Од септември минатата година досега, од двата македонски аеродроми се воспоставени летови кон 21 нова дестинација, со што Македонија моментно предничи во регионот по проширување на воздушната мрежа.
„Бројките зборуваат сами за себе, скопскиот аеродром минатата година заврши со 3,2 милиони патници, а охридскиот со над 300 илјади. До крајот на годинава очекуваме да ја надминеме бројката од 3,5 милиони патници“, додаде Николоски.
Тој најави и нови поврзувања за 2026 година. На 6 април ќе стартуваат линиите Скопје – Наполи и Скопје – Будимпешта, а од 28 јуни од Охрид ќе може да се лета за Катовице, Вроцлав и Милано. Дополнително, ќе биде повторно активирана и редовната линија на „Аустриан ерлајнс“ Охрид – Виена.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, потсети на развојот на авијацискиот сектор од 2010 година наваму:
„Првата година од нашето управување завршивме со 674 илјади патници во Скопје. Во 2014 го достигнавме првиот милион, во 2018 двомилионитиот, а денес го добивме тримилионитиот патник“, истакна Курт, додавајќи дека бројот на патниците е зголемен петкратно за само една деценија.