Тројца малолетници, фатени со бензин, петарди и запалка со сомнеж за предизвикување пожари

Во рамки на преземените обемни активности околу состојбата со пожарите во скопскиот регион, вчера 09.07. на подрачје на ЕВР Гази Баба, поточно во близина на месноста Ајватовски рид кај населбата Илинден во 23:40 часот полициски службеници при преглед на три малолетни лица, странски државјани, во ранец пронашле две шишиња со по 1,5 литри бензин, две петарди, запалка и течно лепило, по што истите се лишени од слобода. Во присуство на дежурен тим на Јавна установа центар за социјални работи и адвокат извршен е службен разговор, по што со потврда за предавање на лица истите се предадени на ЈУМЦСР.

Вчера се директно вклучени над 170 полициски службеници од неколку полициски станици од општа надлежност, како и над 80 полициски службеници од крим полицијата, СВР Скопје преку координација на Посебен оперативен штаб формиран за таа цел, учествуваше во гаснењето и локализирањето на 28 пожари пријавени на подрачјето на главниот град.

Најмногу регистрирани пожари имаше на подрачјето на ПСОН Ѓорче Петров – седум, каде што се опожарени сува трева, жито, три куќи и 2 помошни простории, потоа на подрачјето на ПСОН Гази Баба четири регистрирани пожари, на подрачјето на ПО Мирковци, ПО Петровец и ПО Шуто Оризари по три пожари, на подрачјето на ПО Шуто Оризари е изгорен еден простор со отпад во целост, а на останатите подрачја е изгорена сува трева.

На подрачјето на ПСОН Кисела Вода и ПСОН Чаир регистрирани се по два пожари каде што е изгорена сува трева, а на подрачјата на ПСОН Аеродром, ПСОН Драчево, ПСОН Карпош и ПО Сарај регистрирани се по еден пожар каде што е изгорено сува трева и нискостеблеста шума.

Од страна на СВР Скопје сè уште се преземаат мерки и активности со цел за расчистување на причините на настанување на пожарите. За пожарот на подрачјето на ПСОН Аеродром утврдено е дека истиот настанал поради спој на електрични кабли предизвикан од силен ветер.

Зачлени се на нашиот е-билтен