По 22 години во бегство, полицијата го најде и уапси Хамди Бајрамовски, познат во јавноста како командант Бреза од селото Брест. Уапсен е во скопската населба Ченто. Бајрамовски со слика беше објавен на полициската листа за барани криминалци и осудени лица, со распишана меѓународна потерница поради тешки кривични дела.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, акцијата ја извршиле припадници на Секторот за меѓународна полициска соработка.
„Приведениот има вкупна затворска казна од 11 години и за истрага за повеќе сторени кривични дела. Тој бил баран по потерници за издржување казна затвор од пет години за сторено кривично дело „разбојништво“ по член 237 од Кривичниот законик и затворска казна од шест години за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ по член 215, како и за повеќе истраги за повеќе сторени кривични дела со мерка притвор по член 396, член 123 став 1 и став 3, член 396, член 158 и член 237 од Кривичниот законик„ информираат од МВР. Командант Бреза е пренесен во Затворот Скопје на издржување на казните.
Полицијата пред дваесет години во неговиот дом пронајде голема количина оружје и муниција, униформи, а полицијата се сомневаше во нелегална воена формација.