Полицијата ја приведе сопругата на докторот Зекирја Шаини, кој вчера беше ранет во вооружен напад во Куманово. Според информациите од МВР, постојат основани сомневања дека таа е поврзана со обидот за убиство.
Лицето А.А. (43) од Тетово е лишено од слобода, а во рамките на истрагата биле повикани на разговор уште шест лица. Со судска наредба бил извршен претрес во домот на Б.С. (50) од Куманово. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена кривична пријава против сопругата на докторот, како и против Л.Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи дека е директен извршител на нападот и моментално е во бегство.
Во полицискиот извештај не се наведуваат детали за можниот мотив поради кој сопругата би била вмешана во нападот.
Доктор Зекирја Шаини, пулмолог и носител на листата на партијата НАИ за општинскиот совет на Липково, беше повреден откако маскиран напаѓач пукал кон неговото возило во центарот на Куманово. Тој беше погоден во десното колено и левата подлактица, по што беше пренесен во скопските клиники, каде му беше укажана лекарска помош. Денеска е пуштен на домашно лекување.
Шаини преку објава на социјалните мрежи изјави дека нападот не бил политички мотивиран и повика институциите да го расветлат случајот.
„Бев нападнат од маскирани лица. Немам одмазда кон никого, ниту сум допрел до нечие семејство или чест. Не сакам овој настан да добие политички призвук“, напиша доктор Шаини на Фејсбук.