Учениците Марин Христоски и Алексеј Мицкоски од ООУ „Кире Гавриловски-Јане“ од Прилеп, под менторство на наставничката Соња Јорданоска, освоија второ место на Европскиот квиз на пари за 2025 кој се одржа на 23 мај во Брисел.
На овој престижен меѓународен натпревар за млади во областа на финансиската писменост, во конкуренција од земјите на Европа, првопласирани биле ученички тим од Италија, а на третото место од Шведска.
Се работи за проект за финансиска едукација на ученици на возраст од 13 до 15 години на Европската банкарска федерација кој се организира од 2017 година.
Македонската банкарска асоцијација (МБА) го организира националниот натпревар и учеството на победничкиот тим на Европскиот квиз на пари.
Успехот на учениците и на нивниот ментор денеска на настан во МБА им го честитаа и министерката за образование и наука Весна Јаневска и гувернерот на Народната банка Трајко Славески.
Маја Стевкова Штериева, претседателка на Македонската банкарска асоцијација, изјави дека нашите ученици го освоиле второто место во конкуренција на околу 70 000 ученици од цела Европа откако победија и на Националниот квиз на пари.
-Во седум години, колку што Македонската банкарска асоцијација го организира овој настан, испраќаме македонски тимови на натпреварувањето во Брисел, четири пати сме биле меѓу првите три европски тимови. Тоа за нас навистина претставува големо задоволство и голема радост што децата се заинтересирани. Тоа придонесува за нивна финансиска едукација и воопшто за населението, изјави Стевкова Штериева.