Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, го осуди проблемот со јавниот превоз во Скопје, оценувајќи го како сериозно попречување на правото на учениците да добијат образование, што е загарантирано со Уставот, но сепак не ги пушти учениците да отсуствуваат од настава. Сепак проблемот е како ќе се враќаат тие дома, бидејќи часовите траат и попладне.
„Во главниот град на Македонија, недозволиво е учениците да се соочуваат со вакви пречки. Состојбата е срамна, а целата наша работа за подобрување на образованието е загрозена од неорганизираноста на градските власти,“ изјави Јаневска.
Директорите на скопските средни училишта потврдија дека наставата продолжува редовно, и покрај тешкотиите со јавниот превоз. Наставниците покажуваат разбирање за ситуацијата, но одлука за евентуални промени може да донесе само Владата.
Јаневска упати апел до градските власти да ја сфатат сериозноста на проблемот и веднаш да најдат решение. „Секое доцнење е дополнителен товар за учениците и нивните семејства,“ заклучи министерката.
Министерката потврди дека анализите на Министерството за образование и наука покажуваат дека нема значајно зголемување на изостаноци во овој период споредено со истиот период минатата година. Сепак, таа посочи дека ова се должи на напорите на родителите и учениците, кои сами наоѓаат решенија, како и на разбирањето од наставниците.
Јаневска изрази поддршка за најавените протести на студентите пред Град Скопје, доколку итно не се реши кризата со превозот.
„Студентите се во право. Имаат легитимно право да го искажат својот револт. Ако ова е начин да се дојде до решение, јас ги поддржувам,“ рече министерката.