Угина лама во скопската Зоолошка – обдукцијата покажала туберкулоза

Во скопската Зоолошка градина угина лама, а обдукцијата потврдила дека причината за смртта е туберкулоза – болест која, според резултатите добиени со PCR метода, била присутна повеќе од пет години.

Од Зоолошката градина информираат дека и покрај спроведеното лекување и терапија во соработка со Факултетот за ветеринарна медицина, животното не успеало да преживее. Како што посочуваат, туберкулозата кај животните е нелечива, не постои вакцина, а болеста често поминува без симптоми со години.

„Веднаш по потврдата, во соработка со Агенцијата за храна и ветерина (АХВ), беа направени туберкулински тестови на сите лами во Зоолошката. Животните се под постојан медицински надзор и нивната состојба внимателно се следи“, велат од Зоолошката градина.

Ламите припаѓаат на фамилијата камили и потекнуваат од Јужна Америка. Иако егзотични, тие се подложни на заразни болести како и останатите домашни преживари.

Од скопската Зоолошка уверуваат дека се преземени сите неопходни мерки за спречување на евентуално ширење на болеста и за заштита на другите животни.

Зачлени се на нашиот е-билтен