Зголемени водостои на Вардар и Треска се очекуваат и денеска, откако Управата за хидрометеоролошки работи прогнозираше нови врнежи од дожд. Според последните податоци од хидролошките станици низ земјата, водостојот во горниот дел од течението на Вардар и Треска ќе остане висок, а се очекува и зголемување на водостојот на река Вардар во средниот дел од течението, заради што останува опасноста од излевање на овие две реки.
Од УХМР информираат дека состојбата со другите реки во западниот дел од државата, кои имаат високи водостои заради обилните врнежи и се излеваа во изминатите денови, се стабилизира, а водостојот постепено се намалува.
Од УХМР предупредуваат за внимателно движење покрај реките и суводолиците и предупредуват дека времените мостови на Треска се во опасност заради големите води и нивната брзина.
Во источниот дел од земјата состојбата е мирна и единствено посериозно зголемување на водостојот имаше во крајниот долен дел од сливот на реката Струмица заради зголемените води од нејзините притоки.
Според прогнозата, времето и денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, локално пообилни над 20 литри на квадратен метар. Претежно во источните региони ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер над 70 километри на час. На планините во северните делови врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а попладне од северен правец.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а во делови од котлината проследени со појава на ретки грмежи. Минималните температути ќе се движат до 6, а дневните до 17 степени Целзиусови.