Во текот на денешниот ден, како и за време на претсојната ноќ се очекуваат врнежи од дожд на целата територија на земјата кои пообилни се најавува да бидат во западните делови од земјата. Исто така, за време на денешниот ден се очекува прилично топло време за овој период од годината со јужно струење и прилично високи температури на воздухот при што се очекува врнежите и на повисоките места да бидат во вид на дожд, додека на планините во текот на денот да бидат мешани во форма на дожд и снег.
Ова се истакнува во соопштението на Управата за хидрометеороолошки работи (УХМР). Од УХМР уште предупредуваат дека овие врнежи се очекува да предизвикаат зголемување на водостојот на реките и суводолиците во западните делови на земјата, а лоално доколку на места бидат со пороен карактер и подрастично да ги зголемат водостоите пред се на помалите реки и суводолиците и да ги наполнат нивните речни корита.
Врнежите се очекува да бидат пообилни во доцните вечерни часови и за време на ноќта при што поради пониските температури во тој дел од денот на високите планини врнежите се очекува да бидат во вид снег или во форма на дожд и снег со што ќе се намали дотекот на површинска вода водотеците.
Сепак, и за време на ноќта се очекуваат позитивни температури на воздухот, а предупредуваме на претпазливо движење покрај реките и суводолиците во западните делови на земјата во текот на денешниот ден и претстојната ноќ. Исто така, поради очекуваниот засилен ветер од јужен правец во текот на денешниот ден (над 60km/h) можна е појава на високи бранови на Охридското Езеро по должина на неговото крајбрежје, а посебно во градот Охрид, предупредуваат од УХМР.
Времето денеска е претежно облачно, а наместа и магловито со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни односно над 25 l/m², особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец што ќе достигнува над 60 km/h. Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16 степени.
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер утре врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурата ќе биде во опаѓање, соопштија од УХМР
