Македонска платформа против сиромаштијата (МППС) и оваа година, деветта по ред, распишува конкурс за доделување на „Награди за новинари кои ги гледаат невидливите“
Станува збор за доделување на наградите за новинарство „одоздола“, односно награди за новинари кои работат на теми поврзани со сиромаштија и социјална исклученост, а на тој начин им даваат глас на луѓето кои ретко имаат можност јавно да зборуваат за своите проблеми и се речиси општествено невидливи.
Да не зборавиме дека она што овој проект го прави уникатен е составот на жирито, односно
улогата на членови во жирито ја имаат исклучиво луѓе кои имаат искуство со живот во сиромаштија.
Наградите имаат за цел промовирање на новинарство кое ги опфаќа многуте аспекти на сиромаштијата и социјалната исклученост, поддржуваат известување кое ги почитува граѓаните и внимава на нивното достоинство и изразуваат поддршка на новинарите кои им даваат видливост и гласност на граѓаните кои вообичаено не ги гледаме и слушаме. Конечната цел е да се доделат награди на општествено посветени новинари, кои внимаваат да не градат стереотипи и не се водат од сензационализам.
ВАЖНО:
● Новинарското дело треба да е објавенo во периодот 20 март 2025 – 16 март 2026
година.
● Објавата може да биде на радио, телевизија, печатен или онлајн медиум. Медиумот може да работи на национало, регионално или локално ниво. Дозволени се сите традиционални и нови формати на објави, вклучително и подкасти и фотографии/фоторепортажи.
● Објавата мора да е поврзана со сиромаштија или социјалната исклученост и да се однесува на ситуацијата и луѓето во Македонија.
● Еден новинар може да пријави само едно дело. Може да бидат пријавени повеќе дела од иста редакција, но од различни новинари.
● Доделените награди, нема да бидат во пари и ќе имаат симболичен карактер.
● Краен рок за доставување на сториите е 31.03.2026 година.
За учество ви е потребна апликацијата која може да се пополни на линкот https://forms.gle/t6iXHMgEf2b4SZan8
За сите прашања и детали поврзани со повикот бидете слободни да ни пишете на mppsmk@gmail.com.
По направениот избор на најдобри дела сите новинари ќе бидат известени за резултатите и поканети на доделувањето на наградите кое ќе се случи на 16 јуни 2026 година.
Активноста е во рамки на проектот „Journalism-prize goes international“ инициран од Австриската платформа против сиромаштијата, а финансиран од ЕРСТЕ Фондацијата.