Успешен прв викенд на донаторскиот тениски турнир за обнова на училиштето во Маврово

Во Маврово изминува вториот ден од турнирот Mavrovo Open 2025 – аматерски, донаторски, тениски турнир за обнова на училиштето во Маврово.

Во пријатна атмосфера што ја создаде оваа волонтерска иницијатива, групата пријатели кои живеат и престојуваат во Маврово се на пат да ја остварат целта да го оживеат запоставениот тениски терен во Маврови Анови, да создадат спортски и општествен настан што ќе ја поврзе заедницата и истовремено да придонесат за хуманитарна кауза.

Донаторскиот карактер на настанот е клучен: Сите средства собрани од котизациите ќе бидат насочени за поддршка и обнова на основното училиште во село Маврово. По завршувањето на турнирот, организаторите ќе објават транспарентен извештај за распределбата на донациите.

Основното училиште во Маврово оваа година ја разбранува јавноста со тоа што повторно се запиша само едно прваче. Со само четири ученици денес, ова училиште симболично ја покажува борбата на малите средини да опстанат.

Организаторите велат: децата, сеедно колку на број, треба да учат во достоинствени услови, а наставниците да имаат средина што го олеснува и поддржува нивниот труд: „Ова го правиме за да опстои малото селско училиште. Доколку се затвори, тешко дека некогаш повторно ќе се отвори, а тоа значи и послаб мотив за младите да останат или да се вратат во Маврово“, велат организаторите на турнирот.

Покрај спортскиот дел, Mavrovo Open 2025 понуди програма за сите посетители. Посетителите и навивачите на турнирот се дружат и одегустираат локални производи и освежувања, а во детската зона има тениски игри и активности, како и отворени тренинг сесии заљубителите на спортот. Настанот е збогатен со музика и рекреативни активности што создаде пријатна атмосфера за сите генерации.

Организаторите очекуваат турнирот да прерасне во традиционално собирање кое ќе ја промовира заедницата и природата на Маврово и ќе ја позиционира оваа дестинација како нов центар на спортски и културни настани.

Турнирот ќе продолжи и во наредните два викенди.

Идејата за Mavrovo Open беше препознаена од Општина Маврово и Ростуше, Национален парк Маврово и ЈПКД Маврово, кои помогнаа во логистиката и расчистувањето на теренот и околината. Турнирот ја привлече и бизнис заедницата, чија поддршка овозможи организацијата да добие повеќе содржини и подобар квалитет.

Зачлени се на нашиот е-билтен